Извештајот на Томас Вајц за напредокот на Македонија вечерва на дневен ред во Стразбур – жестоки реакции пред утрешното гласање за спорниот амандман
Извештајот за напредокот на Македонија, подготвен од европратеникот Томас Вајц, вечерва беше разгледан на пленарната седница во Стразбур. Во дебатата учествуваа голем број европратеници, вклучително и самиот Вајц, како и неколку бугарски претставници.
Дискусијата се одвиваше во пресрет на утрешното гласање, кога на маса ќе се најде амандман предложен од трите најголеми политички групации во Европскиот парламент. Амандманот, според најавите, предвидува целосно бришење на спомнувањето на македонскиот јазик и идентитет во текстот на извештајот.
Во ваква атмосфера, особено внимание привлече настапот на словенечката европратеничка Ирена Јовева, која се обрати на македонски јазик. Таа порача:
„За да постои, на македонскиот народ не му треба ваша дозвола, но на вас, за да го признаете тоа, ви треба чесност, интегритет, храброст. Знам. Благодарам.“
Во својот говор, авторот на извештајот, Томас Вајц, го оцени досегашниот напредок на Македонија како значаен и ги повика европратениците да гласаат „за“:
„Ако погледнете на нивните закони и прописи, тие се на добар пат. Дали се тие наш доверлив партнер? Да, учествуваат 100 проценти во нашата заедничка надворешна и безбедносна политика.
Оваа земја има огромен потенцијал, а овој извештај е чекор повеќе кон пристапувањето до ЕУ. Се надевам дека многу од вас, утре ќе го дадат својот глас за извештајот. Тоа е првиот чекор што можеме да го направиме на еден конструктивен европски начин.“
Бугарските европратеници, пак, повторно ја искористија расправата за да ги потенцираат своите ставови во однос на уставните измени во Македонија.
Европратеникот Ивајло Валчев директно се обрати до македонската јавност:
„Сакам да му се обратам на македонското општество. Мицкоски не ви ја кажува вистината.
Вметнувањето на Бугарите во сите релевантни делови од Уставот, почитување на Договорот со Бугарија од 2017 и преговарачката рамка нема да го нарушат вашиот идентитет.
Секое пролонгирање на реформите за да ги почнете преговорите за членство ќе го направи токму тоа.“
Гласањето за извештајот, како и за предложениот амандман, ќе се одржи утре. Се очекува атмосферата да биде напната, а резултатот – од клучно значење за европската перспектива на Македонија.