Буџетот е ликвиден, а денарот и финансискиот систем ќе останат стабилни. Внимателно се следат меѓународните случувања и движењата на светските берзи и соодветно ќе се реагира, уверуваат првите луѓе на фискалната и монетарната политика во земјава по почетокот на руско-украинската криза.

Оценките на бизнис секторот се дека случувањата во Украина ќе влијаат врз многу сектори и дека ќе има притисок врз цените на светските берзи. Бараат активирање на стоковите резерви. Ако не се полни, велат, да се наполнат и да бидеме подготвени за најлошото сценарио.

Претседателот на државата Стево Пендаровски вчера соопшти дека има доволно стокови резерви за задоволување на потребите на граѓаните, но според него проблем може да настане ако кризата во Украина трае подолго. Тогаш ќе биде потребен интервентен увоз.

– Проценките се однесуваат на реалните факти изнесени од премиерот. Ние сме пополнети во стоковите резерви. Проблем ќе биде ако ова со Украина потрае подолго. Тогаш ќе треба да правиме интервентни увози. Србија донесе одлука да не прави извоз на животно битни ресурси. На берзите се качија цените не само на нафтата, туку и на житото, истакна вчера Пендаровски на гостувањето во „Утрински брифинг“.

Од Народната банка вчера информираа дека директната изложеност на нашата економија кон украинската и руската е многу мала. Украина и Русија не се присутни во финансискиот сектор, а странските директни инвестиции и дознаките кои доаѓаат оттаму имаат учество под еден отсто во вкупните вредности.

– Но, со оглед на учеството на Русија и Украина во понудата на глобалните пазари на суровини, очекувани се индиректни ефекти преку цените на примарните производи. Дополнително, доколку овие состојби се одразат на растот на европската економија, можно е влијание и врз инвестициите – домашни и странски, а со тоа и влијание врз економската активност, велат од Народната банка.

Актуелните меѓународни случувања, ефектите врз глобалната економија и очекувањата за македонската економија беа разгледани и на вчерашниот состанок на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии Фатмир Бесими.

На средбата било посочено дека просторот за ублажување на потенцијалните ефекти преку политиките е адекватен и дека стабилноста на финансискиот систем претставува поддршка на отпорноста на економијата.

– Изминатите години се креирани соодветни заштитни механизми во финансискиот систем, што ќе овозможи негово непречено функционирање и натамошна кредитна поддршка на економската активност, информираше Народната банка.

Министерот за финансии уверува дека Буџетот е ликвиден и дека има пари за справување со последиците од кризата.

– Ве уверувам дека ликвидноста на Буџетот во моментов е согласно планираното, ситуацијата е тешка, но како земја не можеме да влијаеме на она што се случува на светските пазари и во Украина и Русија, изјави вчера Бесими, додавајќи дека навремено ќе се реагира на овој најнов предизвик исто онака како што се реагираше и со пандемијата во 2020 и 2021 година.

Уверува дека во Буџетот има средства и дека веќе 85 милиони евра се реализирани за намалување на последиците од енергетската криза.

-Овие средства беа планирани за подолг период во годинава, но се случи да има потреба за нивна реализација уште на почетокот на годинава и се реализираа. Така ќе постапуваме и според другите настани што ќе следат, но не треба да даваме погрешни сигнали и да се создаде несигурност во системот и во финансиите. Ве уверувам дека од аспект на финансии и од аспект на буџетската ликвидност ќе има сигурност во земјава, рече Бесими.

Од Сојузот на стопански комори вчера излегоа со оценка дека случувањата во Украина ќе влијаат врз многу сектори. Неблагодарно е, велат, во овој момент да се каже било каква фиксна бројка или очекување затоа што никој не знае во кој правец ќе се движи ситуацијата.

– Генерално, страшно е она што се случува со Украина, ќе има голем ефект на многу сектори, првенствено веќе почна во текот на вчерашниот ден гледате енергенсите, дали е тоа нафта, дали ќе биде гас, дали ќе биде електрична енергија, нивните цени ќе растат. Металите исто така, Украина беше голем производител на метали, а и Русија и Украина се големи извозници на житарици. Поради случувањата во Украина веројатно не очекуваат големи шокови, телевизиските канали се полни со разно-разни информации и воопшто не е позитивна целата работа, истакна вчера претседателот на ССК Тони Ангеловски.

Од Агро бизнис комората се уште не знаат колкави ќе бидат последиците од оваа криза, но очекуваат раст на цените на пченицата и маслото за јадење бидејќи Русија и Украина се едни од најголемите производители на пченица во светот и паралелно на тоа и на сончоглед.

– Притисокот ќе биде голем на берзите во насока на зголемување на цените бидејќи кога има недостаток, расте цената на берзите. Се уште не ги знаеме конкретните последици бидејќи неколку дена е од почетокот на инвазијата како тоа ќе се рефлектира. Имаше информации кои ги прочитавме во медиумите дека бродовите со пченица се закотвени. Тој притисок веќе се чувствува, а како понатаму ќе се движат тие работи немаме квалитетни информации, изјави претседателот на Агробизнис комората Горан Ѓорѓиевски.

 

 

 

2022-02-25 23:20:58, од Билјана Анастасова-Костиќ