Со чистење на Скопскиот Аквадукт започна „Генералка викенд 2025“ – волонтери и функционери рамо до рамо во националната еколошка акција

Со симболично чистење на запоставениот Скопски Аквадукт, денеска започна тридневната еколошка акција „Генералка викенд 2025“, организирана од здружението „Мен енд Маунтен“. Во акцијата учествуваат министри, градоначалници, амбасадори, јавни личности и над 20.000 граѓани, кои ќе чистат на повеќе од 500 локации низ Македонија.

На стартот на акцијата кај Скопскиот Аквадукт присуствуваа претседателката на државата Гордана Силјановска Давкова, вицепремиерот Изет Меџити, градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, градоначалникот на Чаир Висар Ганиу, австрискиот амбасадор Мартин Памер и министерката за образование Весна Јаневска.

Симболичен почеток на историски важна локација

„Се работи за национална акција за чистење зад која веднаш застанав – како претседател на ЗЕЛС, како градоначалник и како човек кому му е важна чистата животна средина. Скопскиот Аквадукт е место со голема културна вредност, но и жртва на долгогодишна негрижа“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски, повикувајќи на широка поддршка за иницијативата.

Според организаторите, само на локацијата на Аквадуктот денеска учествуваат меѓу 200 и 300 волонтери. Акцијата се спроведува паралелно и на повеќе од 100 други локации низ Скопје, додека низ цела држава се ангажирани над 20.000 граѓани.

Акцијата добива поддршка од јавни личности и институции

„Очекуваме поддршка од многу јавни личности и функционери. Претседателката Гордана Силјановска Давкова се обрати преку видео порака во која истакна дека се зборува за зелени политики, а се живее во сиво-црна реалност’,“ рече директорката на „Мен енд Маунтен“, Гордана Софија.

Таа додаде дека скоро е потврдено присуството и на други влијателни личности, меѓу кои и музичарот Здравко Чолиќ.

Сериозна порака од заборавената културна локација

Скопскиот Аквадукт, кој е еден од ретките зачувани аквадукти на Балканот, веќе долго време е во занемарена состојба. Расфрлан отпад и диви депонии околу него го прават симбол на системскиот проблем со негрижата за културното наследство и животната средина.

Организаторите се надеваат дека оваа акција нема да остане само симболичен чин, туку ќе прерасне во иницијатива за долгорочни и системски решенија.