Лани на крајот на декември државната компанија ЕСМ објави повик за обезбедување природен гас за топланите во Скопје. На повикот се јави домашната компанија „Макпетрол“ и бугарската „Балкан јутилитис“.
„Макпетрол“ учествуваше со цена која што беше променлива, односно врзана за движењата на берзите. Ако ЕСМ продолжеше со претходната практика при набавките на природен гас, за гасот за јануари ќе платеше помалку.
Македонскиот понудувач преку соопштение објави дека за набавка на 61.693 мегават часови за потребите на „ЕСМ продажба“ доставил променлива цена според берзанските цени, од 116,2085 евра, а „Балкан јутилитис“ дал фиксна цена од 115,97 евра, односно пониска за 0,2385 евра.
За потребите на „ЕСМ енергетика“, пак, „Макпетрол“ понудил 110,2178 евра во истиот период за 33.670 мегават часови, а за истото количество енергија, „Балкан јутилитис“ приложил цена од 115,97 евра, односно за 5,7522 евра повисока од понудeната на македонската компанија.
Кога ќе се соберат количините и разликата во цената се добива износ од 178.963 евра во корист на понудата на „Макпетрол“ уште во моментот на одлучување.
А според актуелните цени на гасот на берзите, оваа разлика е веќе повеќе од еден милион евра. Толку пари повеќе ЕСМ го плати гасот од „Балкан јутилитис“.
Пред неколку дена ЕСМ соопшти дека гасот е набавен по пониска цена од берзанската.
Но, во ова соопштение ЕСМ не се осврнува на разликата од околу 180 илјади евра во корист на македонската компанија во моментот на одлучување, ниту, пак, на вкупната разлика, која што според сегашниот статус на берзите, е поголема од еден милион евра.
ЕСМ најавува дека не планира да го смени овој принцип на набавките на гас и за февруари, односно дека ќе се бара најниска фиксна цена без разлика на движењето на цените на берзите.
Логично е прашањето кое после се ова се поставува – кој во февруари ќе ја покрие разликата ако гасот поскапи, а бугарската компанија не биде во можност да го плати истиот, што би значело прекин на снабдувањето со гас за македонските топлани, а со тоа и на греењето во институциите, правните субјекти и индивидуалните домаќинства. За „Балкан јутилитис“ во неколку наврати е пишувано дека се работи за компанија поврзана со рускиот олигарх Лебедев и компанија со сомнителни зделки на релација Русија, Грција, Бугарија, Кипар, Девствени острови… Регулаторната комисија на Бугарија ја категоризира „Балкан јутилитис“ како микропретпријатие и според нивните извештаи, оваа компанија од изминативе три, две години работела со загуба.
Од ЕСМ тврдат дека бугарската фирма доставила банкарска гаранција и таа ќе биде активирана ако е потребно. За која банка станува збор – нема информации од ЕСМ.
За ваквото несоодветно трошење на јавните финансии и евентуалната одговорност, засега нема никаков одговор од власта.