Освен кратењето на работното време во петок дел од администрацијата ќе можат да одат во пензија со 55 години старост
Предлог-законот за кратење на работните часови на администрацијата кој се најде на ЕНЕР и кој предизвика лавина реакции има уште еден спор член. Во него се предвидува нераспоредените државни советници да можат да одат во пензија со навршени 55 години и 15 години стаж.
-Државните советници вработени до денот на започнување со примена на овој закон, за кои нема да има работни места на кои би биле распоредени може: да бидат предвремено пензионирани доколку на денот на влегување во сила на овој закон имаат навршени 55 години старост и имаат 15 години работен стаж или спогодбено да им престане работниот однос со отпремнина во износ од ___________. Државните советници кои нема да прифатат ниту една од можностите од став (2) на овој член ќе бидат распоредени на работно место во институцијата за кое исполнуваат услови, се вели во предлог законот.
Предлог-законот предизвика многу негативни коментари во јавноста, а премиерот Зоран Заев денеска кажа дека станува збор само за предлог даден од коалициски партнер и оти Законот е нивно предизборно ветување.
-Допрва ќе се отвора дискусија по ова прашање, граѓаните треба да го кажат своето мислење, а Владата внимателно слуша, рече Заев.
Рече дека граѓаните очекуваат администрацијата што ја плаќаат да работи поефикасно, а не помалку ефикасно.
-Ги знаете моите ставови и за севкупната продуктивност на населението и севкупната продуктивност и ефикасност на администрацијата. Како народ, треба повеќе да работиме, не помалку. Но, како ветување предизборно на политичките партиципиенти во власта, тоа е ставено на ЕНЕР и допрва ќе се отвора дискусија за ова прашање. Верувам дека граѓаните ќе си кажат тоа што е реалноста во државата, а реалноста е дека сите ако сакаме швајцарски плати, треба да работиме многу повеќе – од таа продуктивност што денеска ја имаме, почнувајќи од себе, па секако, до сите работници во приватниот и во јавниот сектор. Вториот дел, ефикасноста на јавната администрација е нешто што е сериозен фокус и мора да биде фокус. Видовме дека целиот систем со 38 отсто на работа луѓе за време на брановите на пандемијата, функционираше. Тоа само по себе кажува дека постојните капацитети на администрацијата мора да бидат максимално искористени. Тоа е очекувањето на граѓаните, но кога имате нешто отворено на ЕНЕР, несоодветно е премиерот да каже кои се очекувањата на граѓаните, туку граѓаните да си ги кажат своите очекувања, истакна Заев.