Прашањата за идентитетот и за јазикот – за кои Ковачевски вели дека нема да преговара, а Петков тврди дека не се спорни – треба конечно да се тргнат од агендата на разговорите, а двајцата нови премиери ентузијастички нека продолжат да договараат нови проекти во разни области, кои ќе значат подобрување на економските, политичките и на културните врски меѓу Македонија и Бугарија.
Повеќе јавни личности, меѓу кои и поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Димитар Димитров, но и мојот колега Атанас Кировски, се огласија со став дека дипломатската нота што ја испрати Македонија до Обединетите нации, со појаснување за краткото име Северна Македонија, е погрешен потег.
Колегата Кировски ја развива тезата дека „барањето на Софија да се испрати таква нота, заради наводно појаснување дека немаме територијални претензии кон географскиот дел на Македонија кој е во Бугарија, е апсурден блеф“. Барањето само по себе би било апсурдно, објаснува Кировски, „доколку во себе не вклучува подлабоки мотиви на Софија – а тоа е да се направи ваков преседан во ОН, за потоа да се бара од македонска страна да се испрати нота дека македонскиот јазик официјално е кодификуван од 1945-та. Тоа премолчено би значело дека (пред тоа) сме зборувале бугарски“.
Мора да се признае дека има основа за стравувањата на Кировски и на повеќемината кои го оспоруваат првиот дипломатски потег на новата влада на Димитар Ковачевски, а има и логика во предупредувањето дека еден преседан во политиката, како и во животот, води кон друг.
Од друга страна, врз основа на сознанието дека Македонија дефинитивно нема територијални претензии кон било кого – да бидеме искрени, нема ни капацитети да има претензии – би можело да се утврди дека владата или шефот на државата се комотни тој ноторен факт да го декларираат во која било форма, ама баш секаде. Со нотата не се прекршени или повредени Уставот и законите.
Од трета страна, пак, тешко е да се прифати тврдењето дека нотата претставува некаква битна придобивка или победа на бугарската дипломатија. Впрочем, дури и во Софија тоа тврдење наидува на потсмешливи коментари, како оние на архитектот на Договорот за добрососедство, поранешниот премиер Бојко Борисов, кој се пошегува дека сега конечно разбрал дека Македонија нема територијални претензии кон Бугарија, дека нема да ја нападнеме Бугарија со тенковите што таа ни ги подари и да го освоиме Банско.
Но сепак, да не ги потценуваме вештината на софиските дипломати и можните стапици што тие ги поставуваат. За да се отстранат секакви сомневања, мислам дека е исклучително важно новата македонска влада да преземе две обврски пред македонските граѓани.
Првата обврска се однесува на прашањата за македонскиот идентитет и за македонскиот јазик, за кои поранешниот премиер Зоран Заев изјави дека не биле предмет на разговори и преговори (и излажа, нормално), а Ковачевски, во своето експозе при изборот на новата влада, вети дека за нив нема да се преговара. Потребна е дополнителна експликација на ветувањето на Ковачевски дека за идентитетот на Македонците и за македонскиот јазик нема да се преговара, пишува Бранко Героски во својата колумна за плусинфо.
Целата колумна прочитајте ја тука.