Сепак за да не останам недосикажан, на кратко ќе се осврнам на Законот за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост, кој генералано од правен аспект би можело да се каже дека е во ред.
Но дали е навистина така.
Ќе повторам, проблемот е во самиот концепт за продажба на земјоделското земјиште, како природен и пред сè ограничен ресурс од кој државата трајно ќе се откаже.
За тоа веќе е отворена дебата во која се вклучени повеќе страни, но во оваа прилика само накусо би дал одредени забелешки на самиот законски текст, иако законот според мене, но и за мнозинството со кои имав можност до сега да споделам мислење, е неприфатлив.
Затоа само на кратко.
Имено, во членот 2 се наведува дека цели на овој закон се:
– заштита на земјоделското земјиште и развој на земјоделството,
– рационално користење на земјоделското земјиште како ограничен природен ресурс,
– олеснување на развојот на пазарот на недвижности преку продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост, и
– обезбедување на правна сигурност на сопствениците и корисниците на земјоделското земјиште
Прашањето е на кој начин овој Закон овозможува рационално користење на земјиштето како ограничен природен ресурс?
Сосема спротивно.
Овој закон овозможува трајно откажување од ограничениот реусурс кој го поседува државата, а доколку државата со сите механизми не овозможува рационалност, како тоа продажбата би овозможила рационалност?
Оваа контрадикторност, не сакам да го користам вистинскиот збор, е наведена во контекст на оправдување на законот, но тоа воопшто нема врска со реалноста.
Во член 5 точка 2 алинеи 3 и 4 се зборува за исклучок од ограничување со право на располагање на купено земјиште каде што се наведува дека
– продадено во извршна постапка заради реализација на заложно право,
– продадено во стечајна постапка како дел од стечајна маса
Но што всушност значи ова, се купува земјоделското земјиште, се става под залог или се носи фирмата во стечај, со што преку ноќ во неповрат се губи земјоделското земјиште. Не за дефинираните 10 години чекање, туку тоа ќе се загуби за само 3 месеци.
Пример со било која банка. Се зема кредит и истиот не се отплаќа. Што е битно што државното земјоделско земјиште, добиено под поволни услови ќе го земе било која банка. Битно е што некој за мали пари купил на пример стан во Скопје или било каде и било што друго!
Или во член 9 се зборува за цената на земјиштето:
Цената по метар квадратен земјоделско земјиште во државна сопственост во постапка по јавен оглас ја утврдува Владата, во зависност од катастарската класа и катастарска општина во кој се наоѓа земјиштето.
Значи Владата има слобода од 0,3 до 1 евро за еден метар квадратен.
Тоа е огромна разлика. Одговорност никаква.
Дали на пример може да се случи Пелагонија да се купи за 0,3 евра за метар квадратен? Може секако.
Доколку не ми се допаѓаш можеби цената ќе биде и цело евро или можеби ќе се примени испробаниот метод на ѕидање на висината на цената над утврдената за воопшто да се склучи купопродажниот договор.
Критериум катастарска класа и општина. Друго? До пат е или не е, дали е високо или е ниско. 50 години нема сменето бонитет на земја, односно класа. Затоа беа формирани посебни комисии за ставање во владение на земјиштето затоа што недостасуваа целосни и точни податоци за вистинската состојба на терен.
Во член 10:
1)Максималната и минималната површина на земјоделско земјиште во државна сопственост која може да биде предмет на продажба во постапка по јавен оглас се определува како процент од вкупната површина на земјоделско земјиште во државна сопственост предмет на договорот за закуп.
(2)Процентот од став (1) на овој член се определува во зависнот од големината на вкупната површина на земјоделско земјиште во државна сопственост предмет на договорот за закуп, и регионот каде се наоѓа земоделското земјиште.
(3)Процентот од став (2) на овој член го определува Владата на предлог на Министерството.
Од ова, сосема логично ќе се постави прашањето врз основа на кој критериуми ќе се утврдува процентот? И воопшто кој критериум претставува големината на површина во државна сопственост? Каква врска има тоа?
Слободен простор и можност за сериозна злоупотреба да се прави што ќе се посака и повторно да се примени испробаниот метод на надградување на цената, во спротивно ништо од купопродажбата.
Доколку било кој корисник побара да ја купи земјоделската земја од, на пример, 20 хектари која ја обработува, Министерството може да одговори со услов дека тоа е можно само за 10%. Во моментот може само 10 %!
Ова е прилично лошо обмислено и се граничи со состојба за која не е место да се говори!
Или можеби целта е на одбраните да им се помага, да им се продава земјоделското земјиште на рати практично. Или доколку се работи за корисник за кого се смета дека не е „наклонет“ на власта за него нема да се однесува „поволноста?
Во член 16:
Ограничување на површината во Програмата:
(1)Предмет на програмата може да биде максимум 50.000 хектари од слободното земјоделското земјиште во државна сопственост.
(2)Во програмата треба да се застапени сите катастарски класи на земјоделско земјиште кои согласно евиденцијата во Агенцијата за катастар на недвижности постојат во државна сопственост и тоа на начин што ниту една катастарска класа нема да биде застапена со процент поголем од 50%.
Навистина е нејасно зошто е овој член, што и кого штити?
Преостанатото слободно земјоделско земјиште е само со нискоквалитетен бонитет, планински, за кое што воопшто нема интерес. Ретко некаде одземената концесија е вратена.
Навистина е нејасно зошто 50% од секојка класа. Каде има прва класа?
Па и доколку некаде се појави, истата само 50%. Нелогично е.
Во член 24
(1) Учеството на Јавен повик за продажбата на земјоделско земјиште во државна сопственост, може да биде условено со:
1)минимален износ на вкупни финансиски приходи во година која претходи на годината кога правното лице ќе се пријави за учество на јавното наддавање,
2) минимален број на вработени лица во правното лице кое ќе учествува на јавното наддавање,
3) вид и најмал износ на инвестиции во првите пет години од купопродажбата,
4) најмал број на вработувања во првите пет години од купопродажбата и
5) минимална површина на земјоделско земјиште во сопственост на понудувачот кое граничи со земјоделското земјиште во државнасопственост за кое поднесува понуда.
6) минимална површина на земјоделско земјиште во сосопственост на понудувачот со земјоделското земјиште во државна сопственост за кое поднесува понуда
(2) Условите од ставот (1) на овој член Владата на Република Северна Македонија поблиску ги утврдува во програмата за продажба и се дел од јавниот повик и договорот за купопродажба.
Внимавајте, Владата по предлог на МЗШВ може да ја услови продажбата!? Значи како некој ќе се посака и законски некому да се напакости.
Со условувањето од, на пример минимум 10 вработени за учество, дали воопшто е можно да се пријави обичен земјоделец кој ќе го исполни овој услов за да купи земјиште?
Или во член 31:
Продажба на земјиште определено како технолошка целина
(1) Земјоделското земјиште во државна сопственост од членот 3 став (1) алинеја 2 и 3 од овој закон може да биде предмет на продажба согласно со овој закон.
(2) Продажбата на земјоделското земјиште се врши по пат на непосредна спогодба со склучување на договор за продажба меѓу министерот и сопственикот на оранжеријата и помошните објекти во функција на оранжеријата, односно со сопственикот на објектите во стопанскиот двор.
(3) Земјоделското земјиште од членот 3 став (1) алинеја 2 и 3 од овој закон се продава по цена утврдена согласно член 9 од овој закон.
(4) Површината на земјоделско земјиште во државна сопственост која може да биде предмет на продажба согласно овој член не смее да изнесува повеќе од два пати од површината на земјиштето под оранжеријата односно објектот.
Во претходниот период се овозможи за потребите на обработка на земјоделско земјиште да се подигаат објекти. Сега пак се овозможува со непосредна спогодба да се склучи договор за тоа земјиште? По која цена ќе се купи? Зошто за некого да има предност? За оние кои обработуваат под оранжерии, и некако да се разбере, но за стопански двор?
На пример, добиени се 10 хектари земјоделско земјиште, а потоа е поднесено барање за подигнување на објект за земјоделски цели на таа земјоделска површина на која што е изградена само една штала или било што од 300 метри квадратни на средина на тие 10 хектари. Сега ќе се побара да се купи само земјиштето под објектот и околу него. Останатото земјиште кој ќе го купи?
Или свесно се дозволува дополнитело расцекување на земјоделското земјиште? Што станѕва со консолидацијата и со окрупнување на земјоделското земјиште? Дали е тоа причината што од 2020 година сеуште не е донесена нова дест годишна Национална Програма за консолидација на земјоделското земјиште?
Во член 38 став 1:
Купувачот на земјоделско земјиште во државна сопственост кој склучил договор за продажба по пат на јавен оглас а кој нема да го спроведе до крај бизнис планот односно програмата за користење на земјиштето кои му биле обврски од договорот за закуп на земјоделското земјиште во државна сопственост предмет на продажба е должен да плати на сметка на буџетот на Република Македонија надомест на штета во износ на купопродажната цена зголемена за два пати.
Во бројните со овој пример уште една нелогичност.
Што доколку нема да се спроведе бизнис планот, кој и како ќе се контролира? Земјоделското земјиште е веќе станато со титулар, односно сопственик, тоа е во приватна сопственос.
Сопственоста е уставна категорија!
Ова законски предвидено ограничување со задолжување за плаќање штета е противуставно!
Потребно е да ни биде јасно дека доколку на некој нов сопственик на земјоделско земјиште МЗШВ му предочи дека наместо една претходно пријавена земјоделска култура произведува друга култура тоа повеќе нема да има никаква законска основа.
Во законското решение е наведено дека заради нереализирање на некој претходен бизнис план Министерството поднесува барање за надомест на штета. Тогаш зошто не е наведен самиот Министер, па веднаш, откако повеќе нема да биде на тоа место, да биде подвргнат на испитување за неговото реботење и слично. Можеби не е свесен, но со оваа одредба некој „пакува“ вклучените во спроведување на законот.
Но затоа сеуште има време некој да се замисли.
Ова се мои коментари од само површно читање на изготвеното законско решение.
Со него не само што не се овозможува некаков развој на македонското земјоделство туку, напротив, сметам дека тоа ќе биде изложено на сериозен ризик од постепено гасење.
Од држава со реални можности за сериозно земјоделско производство и производство на храна за задоволување на потребите не само на домашниот пазар ќе се претвориме во увозно зависна држава за основните прехрамбени производи.
Со губењето на основниот ресурс и потенцијалот за производство на храна за сите ќе се сведеме своевиден окован земјоделски Тантал кој при имање можност за храна секогаш ќе остане гладен!