Соочувањето со вакви напади не само што претставува сериозен предизвик, туку во голема мера го загрозува и нивниот интегритет и личното достоинство. Културата на неказнивост останува длабоко вкоренета во нашето општество, со оглед на фактот дека од вкупно 14 регистрирани напади кои се случиле во текот на минатата година, само еден завршил со институционална разрешница.
Во најава се измени во Кривичниот законик за поголема заштита на новинарската фела, со кои нападот врз медиумските работници ќе добие ист третман како нападот врз службени лица. Измените се веќе објавени на ЕНЕР, а во собраниска процедура треба да се најдат до крајот на месецов.
Новинарската фела верува дека е време државата конечно да изнајде соодветно решение за овој горлив проблем.
На ист став се и од Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ), кои во корелација со Синдикатот и Министерството за правда, најавија одредени измени во Кривичниот законик за поголема заштита на медиумските работници.
Драган Секуловски од ЗНМ за МИА информира дека измените се најавени веќе трета година по ред, а целта е да се направи системска заштита на новинарите и медиумските работници.
Според новите измени, во случај на напад на новинар или медиумски работник на јавен простор, сторителот ќе биде гонет од страна на Обвинителството, а казната затвор ќе биде поголема, бидејќи ќе станува збор за напад на лице кое што е во рамки на вршење на својата професија.
Секуловски додава дека ова е шанса декларативните заложби на Владата да станат реалност како резултат од нивната заложба и се надева дека во најбрзо време ќе се спроведат тие измени бидејќи, како што вели, крајно време е да постои системска заштита на новинарите и медиумските работници како преудуслов за нивната професионална работа.
Тој за МИА појаснува дека нашата држава, како членка на Советот на Европа според препораките од 2016 година на Комитетот на министри, има обврска не само да направи добра законска рамка за заштита на новинарите, туку мора на еден начин да ги поттикне и самите институции во случајов Обвинителството, да има посебен дел, посебен оддел за заштита на новинарите и медиумските работници.
Секуловски е дециден – потребно е државата да води сметка кога ќе бидат повредени нивните права, тие да бидат заштитени од страна на надлежните институции.
– Освен извршната власт, многу е битно судската власт да постапува во рамки на европската пракса за човекови права, тука имаме примери каде што сега гледате од 27 април пресудите, кои што се за моите колеги, за нашите членови, навистина се скандалозни и се надеваме дека во наредната постапка кога ќе бидат на Апелација, ќе бидат коригирани овие искуства, затоа што не сакаме за некоја година од сега да се земат негативните искуства од страна на судот и Обвинителството кога имале шанса да донесат правда за новинарите, меѓутоа, истата таа шанса била пропуштена, додава тој.
Секуловски појаснува дека со измените не се бара новинарите да бидат изедначени со службени лица, но бараат ист третман како службени лица, во случај кога ќе бидат нападнати.
Во измените се наведени и заканите на социјалните мрежи. Во иднина во случај на закани по животот на новинарите, на медиумските работници и на членови на нивното семејство преку фејсбук, твитер или други интернет платформи исто така државата, односно Обвинителството и МВР ќе треба да постапува по службена должност, а не да остане новинарот сам да оди по приватна тужба да ги гони овие деликти.
– Можам да кажам дека вербалните напади се посебна категорија која прави проблем во последно време, јас тука имам порака и за нашите колеги новинари, новинарки и медиумски работници. Ако тие чувствуваат дека навистина се загрозени преку одредена комуникација на интернет, мора да ни пријават или на нас или во полиција, бидејќи не е доволно да се напише статус на фејсбук дека го покануваме Обвинителството да постапи, потенцира тој.
Според Секуловски, доколку не се пријави проблемот, истиот не постои. Затоа, потенцира, секој говор со кој што се загрозува безбедноста на новинарите без разлика дали е искажан на улица, на телефон или пак на социјални мрежи, потребно е да биде пријавен до надлежен орган, или до професионално здружение со цел да се утврди постапка и потоа истата да се процесира.
Тој информира дека како Здружение пред неколку дена почнале акција со доделување бесплатно елеци и тврди капи заедно со мисијата на ОБСЕ во Скопје. На тој начин се надеваат дека ќе помогнат на редакциите, меѓутоа и на новинарите кога ќе се најдат во ситуација да покриваат настани од висок ризик, да бидат колку што може побезбедни.
– Во секој случај опремата не е само тоа што може да го реши проблемот, новинарите треба да се свесни дека кога покриваат настани од висок ризик потребно е да се задржуваат на одредени правила со цел да не го загрозуваат своето здравје и својот живот. Не секогаш е препорака да се истакнува прес обележјето, бидејќи во зависност од контекстот понекогаш новинарот треба да биде заштитен или дислоциран од одредена локација, затоа препораката е на такви настани да се делегираат поискусни новинари кои што знаат да постапат во случај на агресија или во случај на настани од висок ризик каде што може да се заштити нивната безбедност и нивниот живот, вели Секуловски.
Според министерот за правда, Бојан Маричиќ, суштината на овие измени во Кривичниот законик е во тоа да се зајакне заштитата на новинарите, односно да бидат потешко казнети оние кои што ќе ги нападнат додека се на служба како новинари.
Тој во изјава за МИА вели дека зајакнување на кривично правна заштита на новинарите е пред се да се зајакне слободата на медиумите, да се подигне на едно друго ниво заштитата на новинарите при вршењето на нивната професија, и дигнитетот и достоинството на таа професија да биде заштитена на некој начин, а со тоа и слободата на говорот и слободата на медиумите.
Маричиќ информира дека во текстот на Кривичниот законик нападот врз новинар ќе биде третиран како напад врз службено лице. Казната затвор за физички напад но и за вознемирување на новинарите, како што додава, може да биде три години и новинарите се заштитени од секаков вид на напади без разлика дали се вербални, физички или пак преку електронски комуникациски средства, социјалните мрежи и сите начини, телефонски пораки и се она што подразбира комуникација.
Суштинска разлика е и во однос на тоа што Обвинителството за разлика од сега, ќе го гони ова кривично дело по службена должност.
Тоа значи, како што објаснува Маричиќ, дека не мора новинарот да поднесе приватна кривична пријава и тоа да се процесуира како приватна тужба па потоа Обвинителството да се придружи на тоа, доколку смета дека треба, туку само новинарот треба да го пријави тоа во Обвинителството, да го пријави настанот на повреда или напад во Обвинителството, и потоа Обвинителството го презема гонењето на сторителите по службена должност.
– Вербалните напади се израмнуваат исто како и физичките напади и Обвинителството постапува по службена должност. Битно е дека нема да има потреба од досегашните дуплирања на постапките, поголема иницијативност на на новинарите и поголема упорност за да ги гонат сторителите, сега е доволно само да пријават во Обвинителството, и понатаму Обвинителството по службена должност продолжува со гонењето. Секој новинар во рамки на вршење на својата работа ќе биде третиран како службено лице како што се лекарите, полицајците, појаснува за МИА министерот за правда.
Измените во Кривичниот законик треба да се најдат во Собранието до крајот на месецот, а Маричиќ, како што вели, не очекува блокади во законодавниот дом.
– Не очекувам блокади, бидејќи во овој процес правевме широки консултации и со пратеници од опозицијата и со граѓански организации кои што стојат зад овие измени. Би било навистина несоодветно, дури и нецивилизирано да се блокираат овие измени бидејќи се апсолутно во јавен интерес и во интерес и на новинарската професија. Ова се крајно неспорни измени и не би требало да предизвикуваат разлики, дури иако не е потребно дво третинско мнозинство, јас не би се изненадил и не треба да биде поинаку опозицијата да го поддржи овој закон во Собранието, вели Маричиќ.
Новинарите се со позитивни очекувања во однос на овие измени.