Опозицијата реагираше што дел од законите се по скратена постапка, а како што посочи координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, оваа нивна забелешка е констатирана и во Извештајот на Европската комисија за 2021 година.
– Она што долго време го говорам е веќе наведено и во извештајот на Европската комисија за 2021 година, а тоа е дека Собранието донело 159 закони од кои 67 во редовна постапка, дури 79 во скратена постапка и 13 ратификации. Велат дека останува загрижувачки бројот на закони донесени по скратена постапка, истакна Мицевски.
Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека се согласува со тоа дека треба да има што помалку закони во скратена постапка, но оти во моментот мора да се работи согласно Деловникот за работа, иако, како што напомена, треба да се преразгледа и прецизира процедурата за скратена постапка.
– Се согласувам со ставот дека треба да има што помалку скратени постапки, но процедурата е санкционирана со Деловникот којшто е на сила. Работиме на процесот „Жан моне“ и една од точките што треба да ја преразгледаме е токму оваа процедура да се прецизира, а начините зошто е вака пропишано во Деловникот, ги знаеме однапред ние што сме биле во некое време присутни овде, рече Џафери.
Досега, донесени се само три одлуки кои беа први точки на дневен ред и тоа одлуки за објавување јавен оглас за избор на заменик-директор на Агенцијата за заштита на личните податоци и за именување на член на Комисијата за заштита од конкуренција, како и Одлуката за прераспределба на средства меѓу буџетските корисници и фондовите.
На денешната седница како 16. точка е ставен дополнетиот Предлог-буџет за 2022 година.
На почетокот на седницата беа констатирани оставките на министерот за земјоделство Арјанит Хоџа, заменик-министерот за образование и наука Арафат Шабани и заменик-министерот за култура Седат Сулејмани.