За Годишниот извештај на Државниот завод за ревизија за 2020 година, како и за другите предлог-закони, по кои Собранието го заврши општиот претрес, пратениците ќе гласаат на една од наредните седници.

При расправата за Годишниот ревизорски извештај за 2020 година, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски забележа дека во Државниот завод за ревизија треба да бидат зголемени човечките ресурси, за ревизиите да бидат што побрзо направени. Тој посочи дека се потребни ревизиите за општините оти дел од новите градоначалници пријавиле големи долгови од своите претходници.

Главниот државен ревизор Максим Ацевски потенцира дека во последните две години буџетот на Државниот завод за ревизија бил зголемен за 40 отсто.

Тој се согласи со Милошоски дека е потребно кадровско доекипирање.

-Ќе побараме избегнување на давање согласност за вработување од Министерството за финансии и Министерството за информатичко опшество, рече Ацевски.

Собранието, меѓу другото, ја заврши расправата по измените и дополнувањата за предлог-законот за социјална заштита, како и предлог законот за заштита на деца, според кои, се унапредуваат правата на децата со посебни потреби.

– Со законските измени и се приоѓа на попреченоста како човеково право, што произлегува од Конвенцијата за лицата со попреченост, чии потписници сме и ние како држава. Се укинуваат постојните комисии, а функционалната процена вршат стручни тимови при службата за функционална процена при јавната установа Здравствен дом Скопје. Во почетокот ќе бидат формирани девет вакви тела, едно национално и другите регионални. Врз основа на нивната процена, лицата од 0 до 26 години ќе имаат пристап до образовни, социјални, здравствени и други права, објасни министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Со измените и дополнувањата на Законот за заштита на децата, Шахпаска посочи дека се овозможува правото на посебен додаток детето да може да го користи и ако е сместено во интернат, односно ученички дом, како и тоа децата со попреченост да имаат приоритет при запишување во градинка.