Од друга страна во Тетово нема промена, односно подобрување кога станува збор за повеќе паркинг места, што за градот претставува проблематика долги години.

Во април годинава Општина Тетово склучи договор за изградба на монтажна катна гаража за паркирање на возила во центарот на градот, но таа постапка беше обжалена од група станари во згради кои наоѓаат на улиците „Јане Сандански“ и „Маршал Тито“. Почетокот на подготвителните работи за градење беа прекинати, а градоначалничката Теута Арифи образложи дека се обидува да се најде заеднички јазик со сите засегнати страни.

-Се разговара поради фактот што имаме и петиција за градење и петиција за неградење на катната гаража. Во таква ситуација ние немаме ниту една законска пречка да не градиме. Сакаме да поразговраме, да видиме во разговор што можеме да постигнеме. Нема опции, тоа треба да се направи, ние имаме завршени процедури за правење, ама важно ние да направиме и договор, нормално граѓаните да се комотни со тоа што го градиме ние, изјави Теута Арифи.

Зоран Ѓорѓевски, дипломиран сообраќаен инженер во Регионален центар за стручно образование и обука „Моша Пијаде“ – Тетово елаборира дека паркирањето само по себе е сериозен проблем, но истото се вклопува во комплексот наречене сообраќај и кој според него треба да се решава заеднички со сите други сообраќајни проблеми.Тој напоменува дека проблемите во сообраќајот не треба да ги разделуваат и да се разгледуваат парцијално како што е проблем со паркирање или проблем со градскиот превоз.

-Тука се работи за еден проблем, а тоа е создавање подобро место за живеење, односно намалување на загадувањето, како и намалување на бучавата. Ако се тргне од тука, сообраќајот го гледаме како еден од начините како да се подобри квалитетот на живот и треба да се решава така што ќе се дејствува на повеќе сегменти. Паркирањето е само еден сегмент кој треба да се решава паралелно со градскиот превоз, транзитниот сообраќај и планирањето и воведувањето на алтернативните видови сообраќај, објаснива стручниот професор по сообраќај.

Кога станува збор за паркирањето, особено е важно која е целта, односно зошто сопственикот на возилото има потреба да се паркира. Според Ѓорѓевски постојат многу мерки кои може да се преземаат, но основата лежи во зголемување на понудата на паркинг места

-Имаме побарувачка за паркирање поради домување, работно место, купување, вршење некои активности, образование, активности во слободно време или некои други активности. Во оваа ситуација, според мене, изградбата на паркинг гаражите на неколку добро избрани локации по претходна сериозна анализа на состојбата во целиот град е единственото решение за Тетово, бидејќи градот се соочува и со проблем на несоодветен број на места за паркирање на станбените згради, односно зградите постојат ама на жителите од тие згради не им е понудено место за паркирање во рамките на тој објект. Сега ситуацијата е таква што побарувачката е многу поголема од расположливиот број места за паркирање и единствениот излез е целосен план со кој би се дејствувало прво на намалување на бројот на возила кои циркулираат преку квалитетен јавен градски превоз, како и користење на велосипедскиот и пешачкиот сообраќај, и на тој начин ќе се дејствува на намалување на побарувачката во најзагрозените подрачја, а од друга страна со изградбата на паркинг гаражите ќе се реши проблемот со паркирањето поради домувањето, а истовремено ќе се понудат и паркинг места поради другите причини, потенцира Зоран Ѓорѓевски.

Поради недостигот на паркинг места граѓаните редовно паркираат на недозволени места па работа има и за полицијата. Во изминатите пет месеци од оваа година, на поширокото тетовско подрачје вкупно биле изречени 1287 мерки за погрешно, односно непрописно паркирање, како и 673 писмени опомени.

-Покрај тоа, во периодот за кој станува збор тетовската „пајак-служба“ во координација со полициски службеници на СВР Тетово подигнале 673 погрешно паркирани возила, кои го попречувале нормалното и безбедно движење на другите учесници во сообраќајот, меѓу кои и возила паркирани во таканаречени „двојни редови“, во зона на крстосници, на тротоари и на други недозволени места. Сите прекршители санкционирани се со поднесоци и со парични глоби кои се движат од 45 евра (за „двојни редови“) до 180 евра во денарска противвредност за паркирање во зона на крстосници, потенцира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

За подобрување на состојбите во летниот период поради очекување на голем број печалбари, градоначалничката Арифи најави дека ќе се се користи досегашната практика – дел од училишните дворови за одреден период да бидат понудени како бесплатно паркинг место.

Доколку се изгради предвидената монтажна катна гаража ќе биде прва од таков вид во градот. Објектот ќе се гради на веќе постоечки паркинг позади згради кои наоѓаат на улиците „Јане Сандански“ и „Маршал Тито“.