Со посебно одобрување и почитување на мерките за претпазливост и растојание, со пригодни говори од македонска и француска страна беа одбележани девет децении од смртта на овој истакнат македонски научник и 131 година од неговото раѓање.
Семејството Коцареви од Македонија, како и бројни почитувачи на делото на д-р Анастас Коцарев од Европа, не беа во можност да дојдат во Париз и церемонијата од комеморацијата ја следеа во живо преку видео пренос испраќајќи испратија телеграми и пораки во заедничкото одбележување на настанот.
На комеморацијата обраќање имаа претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев и Соња Коцарева-Трпезановска, роднини на истакнатиот научник Анастас Коцарев.
Претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев во своето обраќање потсети дека на денешен ден, пред 90 години, животната судбина го зеде од овоземниот свет светскиот великан Анастас Коцарев, истакнат македонски творец, научник, ерудит, лекар, човекот чија креативна мисла и луциден научен и лекарски дух оставија трајни белези во светот, но и денес во државата Македонија.
– Луѓето како нашиот Анастас Коцарев вечно живеат. Во Епот за Гилгамеш, змијата е таа што го краде ‘вечниот живот’, но, за наша среќа, таа не успеваа тоа да му го направи на Анастас. Големиот римски поет Хорациј, мислејќи за своето дело, зборува дека по неговата смрт сепак нешто ќе преживее: „Нема целосно да умрам” (Non omnis moriar). Постои време за сè, и сезона за секоја активност под небото.” Денес е време да се зборува, да се биде гласен, да се поддржи работата на Анастас Коцарев, време за помирување меѓу Македонците, за општествен и духовен мир без дивеењата што ги гледаме катадневно веќе со години, време за Македонија со повеќевековно минато и долгорочна просперитетна иднина.
Академик Љупчо Коцарев потсети и за активностите на Анастас Коцарев за праведно решавање на македонското прашање во периодот меѓу двете светски војни.
Неговата внука Соња Коцарева-Трпезановска од Битола во нејзиното обраќање за нејзиниот дедо истакна дека Анастас Коцарев е заборавен од својата татковина, но не и од семејството и добрите луѓе кои живеат и работат низ Европа и кои ја согледаа неговата големина и важност и особено во време кога за жал со сите сили сакаат да нѐ избришат како Македонци.
– Твојата основна цел во Швајцарија и Франција беше обединување на интелектуалните умови кои во тоа време се школувале во европските земји околу борбата за својата татковина Македонија, тоа и се случи денеска, по 90 години од твојата смрт да се обединиме во борбата за Македонија која продолжува преку нас и за новите генерации кои доаѓаат. По девет децении оддадена му е достојна почит која ја заслужува бидејќи личности како него ретко се раѓаат, а делата со кои нѐ задолжи се безвременски, посочи Коцарева-Трпезановска.
Соработувал со нобеловката Марија Кири на проблемот на дијагностицирање и лекување на ракот со примена на радиум. Бил еден од пионерите на радиотерапијата, но и на радиографијата. Прв во светот направил рендгенографија на фотографска плоча на пациент заболен од рак. За многумина, тој е најверојатно, покрај Мајка Тереза, единствениот Македонец што со своето дело бил многу блиску до добивање на Нобеловата награда.