Нуркачи од Нуркачкиот центар „Амфора” од Охрид преку проектот „Подводна еко патрола” поддржан од Општина Охрид, спроведоа активности за детектирање на вливовите на реките што најмногу го загадуваат Охридското Езеро со цврст отпад. Фактичката состојба ја евидентираа и докуметираа, со подводно фотографирање и снимање, а изработена е и мапа со загадени зони, т.н. црни точки.

Посочено е дека со оглед што цврстиот отпад доаѓа во најразлични форми и габарит потребно е сеопфатно решение за проблемот. Понудени се и неколку конкретни, применливи практични решенија за подобрување на состојбата.

Како наједноставен и најсеопфатен метод за собирање на отпадот од сливовите е поставување мрежна структура за зафаќање на отпадот што би се протегала на ширината на вливовите, а со неа би се манипулирало или од брегот или од пловен објект. Опција е и таканаречниот „кит за чистење реки” – иновативно решение засновано врз принципот на колекторска мрежа чија цел е да го акумулира отпадот кој лебди или е полупотопен и функционира како природна брана.