„Пет проценти од средствата што сега одат за дел од менаџментoт во ректоратот на УКИМ, а се земаат од проекти ќе се одземат и ќе се стават во фондот за наука. Во програмата за „Европско образование на УКИМ” како приоритети се формирање на совет за наука, дополнително ќе се направи канцеларија за мобилност и работа на проекти, отворена наука и постдокторските студии кои сега ги нема. Имаме исклучително добри научници, но имаме проблем со тоа што тие не се подготвени да поминат низ административните процедури за добивање и понатаму водење на проектите. Особено е важно да ја истакнам кадровската и финансиска автономија на УКИМ. Ние на УКИМ не носиме наш транспарентен буџет, да знаеме на која единица колку буџет и припаѓа за следната година. Она што јас ќе се залагам во мојата програма е транспарентно носење буџет на почетокот на годината за сите единици на УКИМ, вели кандидатката за ректор на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Христина Спасевска во денешната дебата со останатите кандидати во Студио 10 на Телевизија 24.
Според Спасевска, во државата недостасува европско образование, особено истакнувајќи го УКИМ како најстара високообразовна институција во Македонија која треба да го рефлектира високото образование во државата, на што активно ќе се работи во соработка со сите единици на УКИМ.
“Како лидер, како најстара институција во Македонија која ги обучува скоро 70% од кадрите во нашата држава и промените на УКИМ и подигнувањето на квалитетот на образовни програми преку носење на европското образование дома, ќе се рефлектира не само кај нас на УКИМ да се подигне квалитетот, туку напротив, ќе се рефлектира на високото образование во државата, но и на основното и средното образование. За да обезбедиме квалитет на УКИМ мора да воспоставиме систем на квалитет кој се заснова на принципот 360 според кој ќе се постават мерилата во наредниот период да знаеме како да ги поправиме недостатоците. Ќе придонесе кон креирање квалитетни студиски програми ориентирани кон стопанството каде нашите студенти ќе се вработат и подобрување на научноистражувачката дејност”, дополнува таа.
Фирмите, јавниот сектор ги препознаваат студентите од УКИМ, но е потребен сериозен мериторен систем за финансирање, со цел УКИМ да дојде до израз како голем универзитет, а државата е должна да даде поддршка доколку сака УКИМ како најголем универзитет да биде меѓу најдобрите универзитети според Шангајските листи, истакнува Спасовска.
Проректорката и кандидат за ректор, Христина Спасевска на прашањето зошто би требало да гласаат за нејзе, вели дека нејзиното прво и единствено вработување е на УКИМ со повеќе од 33 илјади студенти поминати во текот на 33 годишниот работен стаж, голема меѓународна актива, работа на меѓународни проекти, но она што е клучно според нејзе вели: „како проректор за настава во овие две и пол години ги увидов сите недостатоци и проблеми со кои се соочува УКИМ и токму затоа и во мојата програма има решенија за истите. Она што ме води напред е што работам со младите, работам со колегите”.