На состанокот се разговараше за улогата на УЈП во спречувањето на затајување на данок и корупција, преку зајакнатите контролни механизми.

Николовски, ги презентираше мерките од Планот за борба против корупција, со посебен акцент на мерките со кои преку дигитализација се елиминира човечкиот фактор и субјективноста при реализација на контролите.

– Со активно вклучување на сите надлежни институции, ќе имаме и позитивни резултати во исполнување на мерките од усвоениот План за борба против корупција, ќе покажеме дека со системски мерки и неселективност во постапките, може да се спречи корупцијата и даночното затајување. Дигитализацијата и елиминирањето на човечкиот фактор при контролите, се само дел од механизмите за спречување корупција. Планот за борба против корупција, содржи 18 системски мерки, со кои влегуваме во бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот на сите нивоа. УЈП преку своите контролни механизми има значајна улога во целиот процес, посочи вицепремиерот Николовски.

Директорката на УЈП, Лукаревска, ги претстави механизмите и системите со кои располага Управата.

– Управата за јавни приходи согласно надлежностите и капацитетите со кои располага е особено важна алка во процесот на детектирање и рано откривање на незаконитото однесување и постапување на даночните обврзници. На пример Софтверот за евалуација на ризици овозможува електронска селекција на даночни обврзници за контрола врз основа на однапред утврдени ризици. Со овој софтер се елеминира човечкиот фактор при избор на даночите обрзници за контрола, рече директорката Лукаревска.

На состанокот беше презентирано функционирањето на Системот за електронско следење на системите за игри на среќа, како и начинот на вршење на контролите од страна на даночните инспекторати.

Во рамки на посетата на УЈП, вицепремиерот Николовски и директорката Лукаревска, одржаа работен состанок и со началниците на регионалните дирекции на УЈП, на којшто се разговараше нивната работа на терен и нивните предлози во делот на контролите и подигањето на јавната свест за бенефитот од редовното плаќање на даноците кон државата.