Според Александра Андреева, член на Управен одбор на ССК, се остава простор за произволно толкување на одлуките, за кои, како што вели, Владата треба недвосмислено да и ги појасни на пошироката јавност.

Односно, да се појасни дали мерките важат и за влез на лицата вработени во угостителските објекти, моловите и сите други објекти кои се опфатени со забраната, доколку не поседуваат сертификат за вакцинација или потврда за поминати 45 дена од прележан Ковид-19.

„Во овој момент во пракса се случува при инспекциски надзор да се бара потврда за вакцинација за сите лица во објект, не правејќи разлика меѓу вработени и посетители, со што постои потенцијална можност за ограничување на правата на личен избор на лицата вработени дали да се вакцинираат, за што се бара прецизирање и јасно објаснување дали влезот во објект е слободен за секој кој поседува доказ за имунизација или од ова се исклучок лицата во работен однос во овие објекти. Недореченоста на мерките од страна на владата во незавидна положба ги става и работодавачите кои не знаат дали и како треба да постапуваат“, велат од ССК.

Воедно иако за лицата до 18 години не е истакната одредба со која се бара да приложат потврда за влез во објектите каде постои забрана, сепак во пракса многу случаи се регистрира појава да не им е дозволено да влезат со објаснување од редарската служба дека “изгледаат” повозрасни отколку што реално се, што немаат начин како да го докажат. Исто така нејасно е и дали лицата до 18 години влегуваат во вкупната бројка од 30 лица која се дава како услов за воведување на дополнителни мерки.

„Повторно останува дилемата и прашањето врз основ на кои овластувања редарската служба го црпи правото за легитимација и контрола на граѓаните. Воедно поради овие дилеми се отвора простор за самоволно толкување и спроведување санкции од страна на институциите, дополнително обременето од новите појави на тргување со потврди за вакцинација за кои објектите немаат начин да ја утврдат нивната веродостојност, имено поради целосната неспроведливост и нелогичност на донесените мерки“, потенцира Андреева.

Постојат голем број дилеми и отворени прашања, нагласува, околу тоа како треба да се спроведат мерките, што отвора простор за нивно слободно толкување и оди во прилог на нивна неспроведливост во пракса, а воедно не се придонесува за подобрување на здравствената состојба, бидејќи голем број на потенцијални жаришта на можни зарази остануваат без било какви мерки на превенција, а како такви ги посочува јавниот превоз и институциите каде циркулираат стотици вработени и посетители.

„Дополнително, ваквата селективност и некоординираност во постапувањето со носење на неспроведливи и дискриминаторски мерки го отежнува економскиот тек и ја влошува и онака тешката финансиска состојба на претпријатијата и влијае на зачувување на работните места. Сојузот на стопански комори на Македонија е за воспоставување систем на заштита, но со мерки кои се логични и недискриминаторски, со кои не само про-форма, туку навистина ќе се постигне заштита на сите граѓани“, велат од ССК.