На синоќешниот поткаст „ВМРО-ДПМНЕ зборува“, Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, говореше за состојбата во здравството. Тој ги истакна напорите за стабилизирање на здравствениот систем, критикувајќи го лошото менаџирање на СДС. Клековски откри дека апарати купени во времето на ВМРО-ДПМНЕ стоеле неискористени во подруми за време на СДС, додека во некои градови се користат апарати од 1985 година.
Пропусти на претходните власти
Клековски нагласи дека здравството било во надолна линија поради лошите политики на СДС. „Состојбата во здравството е последица на нечинењето на претходните власти“, рече тој. Според него, СДС не го споменувала здравството по празните ветувања за помош. Тој потенцира дека стабилизирањето на здравствениот систем било отежнато поради недоволно финансирање и натрупани долгови. Долговите во јавните здравствени установи (ЈЗУ) изнесувале 5 милијарди денари, а со ребаланс се намалиле за 2 милијарди.
„Состојбата во здравството била во надолна линија и затоа за мене звучеше прилично вознемирувачки понудата на СДС да помагаат на состојбите во здравството, за да потоа не го ни спомнуваат здравството. Здравството ни е таму каде што ни е, поради лошо чинење или не чинење, на претходните власти’’, истакна Клековски.
Стабилизирање на здравствениот систем: Зголемен буџет за здравство
За 2025 година, буџетот за здравство е зголемен за 7 милијарди денари, достигнувајќи 53 милијарди денари. Ова зголемување главно е наменето за ЈЗУ. Клековски истакна дека над 2 милијарди денари, или 17%, се предвидени за зголемување на платите во здравството. Околу една милијарда денари ќе одат за зголемување на капитациите во примарното здравство. Овие мерки се клучни за стабилизирање на здравствениот систем и подобрување на условите во здравствените установи.
„Буџетот за 2025 година е зголемен за 7 милијарди денари и изнесува вкупно 53 милијарди денари. Ова зголемување во огромен дел оди за ЈЗУ, од кои над 2 милијарди денари или околу 17%, кумулативно оди за зголемување на платите. Околу милијарда денари одат за зголемување на капитациите во примарното здравство’’, потенцираше Клековски.
Лекување во странство: Јасна процедура
Клековски детално ја објасни процедурата за лекување во странство. Тој рече дека лекувањето надвор од земјата се одобрува ако се исцрпени можностите во Македонија. „Клиничкиот центар дава конзилијарно мислење дека нема услови за лекување“, појасни тој. Потоа се проверува приватното здравство. Ако и таму нема можности, се бараат понуди од странство. Клековски нагласи дека Фондот не одбива лекување ако постои конзилијарно мислење.
„Лекувањето во странство се врши доколку се исцрпени можностите за лекување во Македонија и ова се поминува во неколку фази. Прво, јавното здравство треба да декларира дека не постојат можности за лекување на тој пациент во Македонија, а тоа е Клиничкиот центар кој треба да даде конзилијарно мислење потпишано од неколку овластени лица. Во следната фаза, одиме кон приватното здравство дали има услови за вршење на услугата, доколку и таму нема можност, се оди кон следната фаза, барање на понуди од странство. Да потенцирам, доколку има конзилијарно мислење, Фондот не одбива лекување на пациент во странство’’, појасни Клековски.