Приоритет на заловувањето на агресивни кучиња, нивно вдомување или евтанизација, прочистување, вакцинација, стерилизација и чипирање на останатите бездомни кучиња, засилени контроли за откривање на вистинитоста при нападите од бездомни кучиња, сомнителни стерилизации, се дел од точките кои се разговараат на координативните состаноци за бездомни кучиња во Центарот за управување со кризи.
На денешниот, шести координативен состанок на ЦУК, на владини институции и невладини организации за решавање на проблемот со бездомните кучиња, директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов направи сублимат од досегашните разговори и истакна дека договорените процедури треба да се започнат во најбрз можен период.
– Секаде онаму каде што имаме кучиња за коишто ќе има пријава дека се агресивни, дека напаѓаат, истите треба да добијат приоритет при заловување, потоа тие треба да бидат прочистени, вакцинирани, стерилизирани, чипирани и да се обидеме за нив да најдеме сопственик. Откако ќе најдеме човек којшто ќе ги прифати овие кучиња, тие ќе бидат предадени, но во краен случај кога некој нема да сака да вдоми одредено агресивно куче, со претходно утврдено вештачење од страна на овластен вештак, истите ќе бидат евтанизирани и нема да бидат вратени на улица. Се работи за мал број на детектирани агресивни кучиња, истакна Ангелов.
Тој наведе дека за останатите бездомни кучиња е планирана акција која би траела околу шест месеци.
– Во една масовна акција со ангажирање на сите лица, сите институции, невладини организации да бидат заловени, потоа прочистени, стерилизирани, вакцинирани и чипирани и вратени назад на улица. На тој начин може најквалитетно да се постави контрола на растот на популацијата на бездомните кучиња, посочи Ангелов.
Директорот на ЦУК, осврнувајќи се на проблемот со наводните лажни пријави за напади од бездомни кучиња, нагласи дека е побарано од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство да вршат засилена контрола на вистинитоста на нападите, бидејќи, како што наведе, често се случува да имаме лажни пријави за напади од кучиња при тоа мотивите можат да бидат парични, луѓе кои што пријавуваат дека се каснати од каче прават фиктивни повреди и на тој начин добиваат одредена материјална корист.
Тој посочи дека една од причините да се верува во таа појава е тоа што откако Град Скопје почна да исплаќа надомест на штета за нападнати лица, се зголемил бројот на пријави за напади.
Ангелов рече дека на состаноците се зборувало и за сомнителни стерилизации на бездомни кучиња, односно дека на улица можат да се забележат уредно обележани кучиња коишто имаат и чип дека се стерилизирани, но позади нив одат по пет-шест нивни кутриња.
– Имаме случаи кога одредени општини ги собираат кучињата во комбиња и ги носат на територијата на друга општина. Побаравме МВР да посвети поголемо внимание на возила коишто носат бездомни кучиња. Ваквата појава постои можност да е раширена на територијата на цела држава, истакна Ангелов.
Тој, го нагласи и проблемот со сопствениците кои ги напуштаат кучињата што ги чувале и рече дека истите треба да бидат пријавени.
– Друг проблем е бришењето на еден од законите за прекршоци којшто предвидуваше казни на сопствениците на кучиња којшто несовесно се однесуваат кон своите кучиња, односно ги пуштаат да се движат небезбедни на улица и претставуваат закана за безбедноста на граѓаните, потенцираше директорот на ЦУК.
Тој посочи дека Кинолошкиот сојуз дал предлог и побарал да им се обезбеди плац каде што тие самите ќе изградат прифатилиште за кучиња коишто личат на расни кучиња, но не се расни кучиња бидејќи немаат педигре.