Проценките се дека со моментната цена на мазутот од 36 ден/кг, производната цена на АД ТЕЦ Неготино ќе изнесува од 150 – 175 евра / мегават-час, во зависност од тоа дали ќе работи со еден или два котла. Владата на Република Северна Македонија даде согласност да се склучи договор за деловно-техничка соработка меѓу АД ЕСМ и АД ТЕЦ Неготино за набавка на мазут и производство на електрична енергија во периодот декември 2021 – април 2022 со можност за понатамошна соработка, доколку за тоа има потреба.
Во времиња на закани од енергетска криза поради дефицит од струја, низ годините се знаело да се каже дека само „златната резерва” ТЕЦ „Неготино” може да ја спаси земјава од мрак. Изградена пред 43 години, таа има инсталирана моќност од 210 мегавати и е втор по големина енергетски капацитет во државата. Тоа е единствена електрана што како погонско гориво користи мазут и брзо може да се преориентира и на природен гас.
Како се оценува подготвеноста на вработените и опремата за почнување со работа на Термоелектраната ,,Неготино”?
– ТЕЦ Неготино последен пат бил вклучен во процесот за производство на електрична енергија во 2009 година. Редовно во текот на овие изминати 12 години се врши проверка на опремата за работа и обуки на вработените. Низ процесите на конзервација на опремата што се врши секоја година се обезбедува заштита на истата. Сметам дека во овој момент и опремата и вработените се подготвени за започнување со работа, но важно е да се спомене дека целокупниот процес на „рестартирање на ТЕЦ Неготино“ ќе подлежи на пробен период и проверка на сите функционалности на опремата.
Колку ќе ја чини ова работење на ТЕЦ ,,Неготино” државната каса?
– Цената на електричната енергија на берзите секојдневно расте. Во моментот изнесува 283 евра/ мегават-час. Во секој случај пуштањето на АД ТЕЦ Неготино во процес на производство ќе ја чини државата помалку отколку увоз на електрична енергија. Проценките се дека со моменталната цена на мазутот која изнесува 36 ден/кг, производната цена на АД ТЕЦ Неготино ќе изнесува од 150 – 175 евра / мегават-час, во зависност од тоа дали ќе работи со еден или два котла. Владата на Република Северна Македонија даде согласност да се склучи договор за деловно-техничка соработка меѓу АД ЕСМ и АД ТЕЦ Неготино за набавка на мазут и производство на електрична енергија во периодот декември 2021 – април 2022 со можност за понатамошна соработка, доколку за тоа има потреба. Мазутот ќе го набави АД ЕСМ, а за тоа ќе добие и помош од Владата, и ќе ја преземе целокупната произведена електрична енергија од АД ТЕЦ Неготино. Обртните средства од прозиводството на електричната енергија во првиот месец, ќе бидат искористени од страна на АД ЕСМ за набавка на мазут за понатамошно производство.
Колку може овој капацитет да придонесе за помош при енергетска криза?
– Ставањето во функција на АД ТЕЦ Неготино, во моменти на глобална енергетска криза, ќе даде економски придонес за државните енергетски компании и целокупното стопанство. Се добива зајакнување на домашниот електро-енергетски систем, се зголемува домашното производство а со тоа добиваме и зголемување на БДП-то.
Произведената електрична енергија во ТЕЦ Неготино, АД „ЕСМ“ ќе ја искористи во еден дел за потребите за снабдување на домаќинствата и малите потрошувачи во случаи на кусоци, дел ќе понуди за потребите на АД „МЕПСО“, додека вишокот електрична енергија, ЕСМ Продажба ќе ја понуди на продажба на слободен пазар на домашните стопански субјекти, по цени пониски од цените на берзата.
Со постигнување прифатлив договор за снабдување големи количества мазут и со долгорочно ангажирање на неготинскиот капацитет, може да се постигне конкурентна цена на произведен киловат-час во споредба со увозот на струја или во споредба со струјата од планираната нова гасна електрана со комбиниран циклус наместо сегашната, сметаа експерти пред повеќе години. Кој е ставот во врска со ова размислување?
– Токму тоа и се случува во моментот. Со давањето согласност од страна на Владата на Република Северна Македонија за набавка на мазут и производство на електирчна енергија, во овој момент се постигнува поевтина електрична енергија од цената на електричната енергија на берзите.
Експерти низ годините велеа дека неготинската електрана може да се збогати со два гасни агрегата и така да се растовари РЕК „Битола”. Беше кажано дека две, со моќност од вкупно 680 мегавати, би можеле да се сместат во оранжерии и за топлифицирање на Кавадарци и на Неготино. Кога би можело да се очекува гасификација на ТЕЦ ,,Неготино”?
– За ТЕЦ Неготино, изработена е физибилити студијата за јавно-приватно партнерство и по внатрешните разговори во владата одлучено е TЕЦ Неготино да се припои кон АД ЕСМ и да функционира во иднина како дел од АД ЕСМ. АД ЕСМ треба да ги започне сите активности за гасифицирање на ТЕЦ Неготино во најбрз можен рок. Но, овој момент сите сме насочени исклучиво во борба и справување со состојбата за енергетска криза, како што е користење на целиот државен енергетски капацитет. Знаете дека е прогласена кризна состојба во енергетиката, така што врвен приоритет е добивање доволни количини на електрична енергија за домаќинствата и стопанството и избегнување на ценовни шокови. Не би можел во овој момент да знаеме или прогнозираме кога точно би се гасифицирала ТЕЦ Неготино.
ТЕЦ „Неготино“ може да биде енергетска база во државава што ќе ја направи да биде независна од увоз на струја, беше речено на 30-годишнината од изградбата на неготинската термоелектрана. Дали сеуште се смета дека таа може да биде енергетска база во државата?
– Се уште држи таа теза, бидејќи еве се покажува дека во вакви кризни, лоши времиња на енергетскиот систем во државата, ТЕЦ Неготино може да придонесе во подобрување на состојбите.
Беше најавена приватизација на ТЕЦ „Неготино”. Како би се одразила евентуалната продажба на „златната резерва”, врз македонскиот електроенергетски систем ?
-Одговор дадов на ова прашање во едно од претходните прашања. Меѓутоа повторно ќе истакнам дека во овој момент врвен приоритет е справувањето со енергетската криза која е глобална, неминовно е и засегнатоста на нашата држава. За сите други опции и планирања мислам дека може да оставиме време за коментирање.