Буџетот е проектиран пред локалните избори и најверојатно ќе го користи друга влада, порача пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски на денешната седница на Собраниската комисија за финансирање и буџет на која се разгледува државниот буџет за наредната година.
Тој посочи дека во Предлог буџетот не се предвидени средства за справување со енергетската криза и нагласи дека ќе биде неминовно во првиот квартал од наредната година да се направи ребаланс и да се префрлат средства од капитални инвестиции за социјални трансфери.
-Искуството досега јасно кажува дека Владата предводена од СДСМ постојано креира и продуцира лажни и нереални проекции кои немаат никаква допирна точка со реалноста. Владата за 2022 година предвидува капитални инвестиции од 37 милијарди денари, но за жал, тоа е само на хартија бидејќи споредбено со претходните години, Владата на СДСМ никогаш нема надминато 19 милијарди денари реализација на превидените капитални инвестиции. Од друга страна, ова е буџет со буџетски дефицит од 4,3 отсто и се отвора дилема дали воопшто државата ќе може да си ги сервисира и плаќа своите обврски, рече Стојановски.
Нагласи дека не знае на што се темелат оптимистичките бројки за ДДВ, а како доказ дека буџетот е нереален го истакна фактот што приходите се намалени за 2,4 проценти во споредба со 2021 година. За него е нереален проектираниот раст од 4,6 отсто зашто, како што рече, никогаш не е надминат раст од 4 проценти кога СДСМ и ДУИ биле на власт.
-Со овој Предлог буџет јавниот долг ќе порасне за 787 милиони евра, од кои 346 милиони ќе се обезбедат од странство, односно на крајот на годината јавниот долг ќе биде на историски највисоко ниво од 65,9 отсто од БДП, рече Стојановски.
Посочи дека парите во буџетот ќе се трошат недомаќински и за партиски вработувања и како пример ги посочи МВР каде има зголемување на ставката за набавка на возила за 2.200 проценти и МНР со зголемување за 660 проценти, зголемување на ставката за набавка на мебел во Министерството за образование и наука за 137 проценти без да се предвидат средства за изградба на училишта и студентски домови, зголемени средства за плати во Министерството за здравство без да се предвидат средства за изградба на болници,…
Токму затоа, како што кажа, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе околу 200 амандмани преку кои ќе се обиде да интервенираме и да го поправи Предлог буџетот. Од нив, посочи, пет амандмани се во областа на енергетиката и се приготвени во соработка со луѓе кои се разбираат во енергетскиот сектор.
–Ако се прифатат тие пет амандмани ќе помогнат полесно да се поднесе енергетската криза во спротивно ќе треба да се прави ребаланс за да се предвидат средства за сметките за електрична енергија за ранливите групи на граѓани, рече Стојановски и додаде дека експертите, меѓу кои и Кочо Анѓушев, предвидуваат дека ќе има драстично поскапување на струјата од јануари.
Во реплика министерот за финансии Фатмир Бесими посочи дека јавниот долг од 65,9 отсто, најверојатно ќе биде 63,5 отсто.
-При второто читање ќе имаме попрецизна проекција, рече тој.
Нагласи дека е јасно оти капиталните расходи се зголемуваат и со тоа се менува структурата на Буџетот.
-Се крати во делот на стоки и услуги, каде номинално е помал од 2021 година, во тековните расходи, а кратено е и во делот на возилата освен во МВР, МНР и УЈП. Грубо, Буџетот не може да ги отслика прецизните предвидувања, но целта е да се намалат луксузните, непродуктвни трошења, нагласи Бесими.
За зелената агенда, додаде, се проектирани четири милијарди денари, а има поддршка и за енергетската криза.
-Предвидена е Програма во услови на криза П1 вредна 5,4 милијарди денари. За 35.000 семејства ќе има по 1.000 денари за енергија, но месечна поддршка ќе има и за 9 000 пензионери, посочи Бесими.