Комората минатата недела и официјално побарала работна средба со Битиќи, Бектеши и Филипче на која, како што соопшти, би станало збор за функционалноста на компаниите од дејноста кои ги спроведуваат и почитуваат мерките, но и за други, дополнителни мерки, односно проширување на актуелните.
Треба да се овозможи, оценува Комората, одредена предвидливост во периодот што следува, особено за угостителството и туризмот.
-Бизнис-секторот од од туристичко-угостителскиот сектор да биде вклучен во конципирање на мерките и одлуките со кои се ограничува функционирањето на деловните субјекти, бидејќи постојат недоречености и потреба од нивно дооформување со што дополнително се отежнува работењето на компаниите, сите ПЦР-тестови за странските државјани (туристи) со регулиран престој да бидат во целост покриени од државата, да продолжи поддршката за работните места во секторот, безусловно, според шифрата на дејноста (угостителски објекти за ноќевање, туристички агенции и тур-оператори) кои имаат и драстично мал обем на деловна активност веќе втора година по ред и да се реализира мерката грант-поддршка за хотелите надвор од туристичките центри кои не беа корисници на ваучерите издадени за посебни категории граѓани во 2020 година во вкупен износ од еден милион евра како дел од усвоениот петти пакет мерки поддршка на стопанството, се само дел од предлог-мерките на Комората.
За поддршка на хотелскиот бизнис, според Стопанската комора, треба да се овозможи за сите организирани настани (семинари, работилници, конференции) кои се случуваат во хотелите присуство со валиден негативен ПЦР-тест, бидејќи многу од објектите имаат испланирани деловни активности кои со последните мерки масовно се откажуваат.
-Да се дополни и член 14 став 3 од одлуката за изменување и за дополнување на одлуката за превентивни препораки, времени мерки, за наредени мерки, наменски протоколи, планови и за алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од КОВИД, како и за случаите и за временскиот период на нивна примена, објавена во Службен весник бр. 193 од 18 август 2021 година. На крајот од ставот да се додаде уште една реченица, која ќе гласи „Лицето кое по враќањето во земјата ќе приложи негативен ПЦР-тест да му биде прекинат карантинот“. Сметаме дека лицата кои не се во можност да направат ПЦР-тест при влез во земјата од која било причина, а имаат обврска да се вратат на работа, да може да го искористат правото во државата да ја реализираат обврската за ПЦР-тестирање, објаснува Комората.
Во услови на здравствено-економска криза, која трае веќе втора година, и на лоши финансиски резултати кои ги покажуваат компаниите од туристичко-угостителската дејност, нивниот кредитен рејтинг е доведен во прашање и за последната календарска година (2020 година) тие покажуваат негативни резултати. Во таа насока, како и за поддршка на секторот, треба, смета Стопанската комора, да се обезбедат гарантирани кредити за инвестиции.
Предлог-мерките кои се доставени до Битиќи, Бектеши и Филипче ги дефинира Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора. Притоа било констатирано дека превенцијата во насока на заштита на јавното здравје е приоритет, но и дека истовремено треба да се има предвид потребата од мерки со кои ќе се овозможи поддршка и опстојување на компаниите од туристичко-угостителскиот сектор.