Стопанските комори се против замрзнување на цените, бараат од Владата да донесе поинакви мерки кои нема да влијаат на бизнис секторот.
Зоран Јовановски, советникот во Стопанската комора оценува дека решението со замрзнувањето на цените не е пазарно решение.
„Дали е обврска на пекарот, млекарот или некој од прехранбената индустрија, дали е негова обврска да се грижи за социјалниот статус на граѓаните. Кога ќе ја замрзнете цената на лебот ви ја замрзнувате за сите во општеството и тие што се социјално загрозени ама и тие кои што можат пет пати повисока цена од таа да платат. Зошто тој што може да плати пет пати повисока цена да го купува лебот по замрзната цена. Зошто го субвенционирате тој. Значи решението со замрзнување на цените не е пазарно решение“, порача Зоран Јовановски.
Претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија Менди Ќира инсистира да се престане со ваквата мерка.
„Ние инсистираме да се престане со замрзнувањето на цените и да се најдат нови алтернативи за тие цени, односно да се интервенира со државни резерви и да се види кои други можности има, како намалување на даноци, намалување на ДДВ и така натаму“, вели Менди Ќира.
Од Стопанската комора на северозападна Македонија укажуваат и на се поприсутниот проблем со недостиг на работна сила. Покрај најавите за увоз на работници од други земји бараат либерализација на трудот со земји од регионот.
„Приоритет на Влада треба да биде либерализација на пазарот на трудот со земјите од регионот што веќе е донесено за некои земји, бараме исто така и за Косово да се донесе да се либерализира пазарот на трудот. Бараме од Владата да се намалат придонесите за да можат и другите плати не само минималната, туку и средните плати да се зголемат за да ублажиме колку-толку за работната сила да не заминува во странство“, порача Менди Ќира.
Вицепремиерот Фатмир Битиќи изјави дека се повеќе и повеќе компании се жалат дека многу тешко наоѓаат работна сила и дека недостигот изнесува околу 10 илјади работници. Решението го гледа во увоз на работници кои во својата земја имаат просечна плата од 200 евра.