Преземавме струја, но помалку од претходно, затоа што и времето ни оди во прилог. Веќе сте информирани дека РЕК Битола е вон системот, со што домашното производство е сведено на минимум од хидроцентралите и од ТЕ-ТО, но струја има и од увозот кој го направи ЕСМ – објасни Рамадани.
Поради дефект во котелот на Блок 1 за кој не постоеше никаква можност да биде саниран додека постројката е во функција, тој беше исклучен од електроенергетската мрежа на државата, информираа од ЕСМ.
Станува збор за планско исклучување за да се санира скинатата цевка, што се смета за лесен испад на постројката. Се очекува дефектот да биде саниран до вечерните часови и блокот да биде вратен на мрежа – рекоа од ЕСМ.
Поранешниот директор на РЕК Битола Спиро Мавровски за ТВ Алфа се изјасни дека недомаќинското работење и отсуството на издржана стратегија за справување со енергетската криза, си го земаат данокот.
На средината на октомври, на депонијата на РЕК имало 600-700.000 тони јаглен, а сега има 40.000. За граѓаните овие бројки звучат многу, но тоа е минимално. Во моментов имаме проблем што не работиме на ископ на јаловината, а пожарот во најновиот Блок 3 дополнително ја усложнува работата, бидејќи за негово реактивирање ќе бидат потребни најмалку 6 месеци – изјави Мавровски.
Викендов се запали и трансформаторот на Блок 3 и не се знае до кога ќе трае неговата санација. Во меѓувреме се работи и на оспособување на Блок 2, кој беше во ремонт и се очекува и оваа постројка да биде на мрежа до крајот на неделава. Нема одговор на прашањето на „Слободен печат“ што ќе се случува со тендерот за набавка на 900 илјади тони јаглен кои беа наменети за Блок 3 на РЕК Битола.
Во моментот АД ЕСМ ги задоволува потребите од останатите капацитети, како и со набавена електрична енергија, како резерва при вакви куси испади. За 7 ноември се обезбедени 240 мегават-часови по цена од 199,06 евра од фирмата ГЕН-И Продажба на енергија ДООЕЛ, а за 8 и 9 ноември, ЕСМ купил струја од четири фирми по цени кои се движат од 207 до 259 евра за мегават-час.