Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) најави дека кон крајот на јануари или почетокот на февруари ќе воведе блок тарифи со кои ќе се обезбеди потрошувачка на струја по пониска цена, посочувајќи дека рестрикциите не се опција. Во исто време, Владата на денешната седница усвои Програма за ранливи потрошувачи на енергија за 2022 година, со која се предвидува најранливите категории на лица со ниски примања кои не се приматели на гарантирана помош, да добијат намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија од 600 или 800 денари месечно, во зависност од големината на домаќинството.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски вчера на прес-конференција соопшти дека цената на електричната енергија за домаќинствата ќе се зголеми за 9,48 проценти, а од 1 јануари ќе се укине дневната евтина тарифа, со што, според него, ќе нема потреба од ново поскапување на струјата.
– Реалното зголемување ќе беше многу поголемо, но успеавме да скратиме многу трошоци, а Владата презема обврска да им помогне на државните компании во наредниот период, истакна Бислимовски, додавајќи дека ова е една од најтешките одлуки што ги донела РКЕ од своето постоење.
РКЕ најави и дека кон крајот на јануари или почетокот на февруари ќе воведе блок тарифи со кои ќе се обезбеди потрошувачка на струја по пониска цена. Според претседателот на РКЕ, евтината тарифа во текот на ноќта и во недела остануваат и никогаш не биле доведени во прашање, а доколку не се укинеше дневната евтина тарифа од 14-16 часот, цената на струјата ќе требаше да се зголеми за 14,23 отсто.
По ваквата објава на РКЕ, премиерот Зоран Заев во објава на Фејсбук оцени дека и во услови на светска енергетска криза, државата успеа да спречи драстично поскапување на електричната енергија и да го активира домашното производство за ублажување на ценовниот шок.
– Солидарност на сите чинители на електро-енергетскиот сектор, редуцирање на трошоците и штедење е од голема важност. Рестрикции на електрична енергија нема да има. Сите домашни капацитети за производство на струја се во функција на успешно соочување со енергетската криза. Во моментов има доволно обезбедени количини на јаглен за работа на ТЕЦ Осломеј, како и за РЕК Битола за работа со два блока. ТЕЦ Неготино веќе е вклучен со половина капацитет, од јануари ќе работи со полн капацитет, а од јануари ќе биде вклучен и третиот блок на РЕК Битола, објави на својот Фејсбук профил Заев, додавајќи дека сите количини на електрична енергија потребни за универзалниот снабдувач ќе бидат обезбедени од домашно производство, односно без увоз.
Тој воедно информира дека Владата на денешната седница на предлог на Министерство за економија обезбеди 60 милиони денари финансиска поддршка со Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2022 година, се која се предвидува најранливите категории на лица со ниски примања кои не се приматели на гарантирана помош согласно закон. да добијат намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 600 денари или 800 денари месечно, во зависност од големината на домаќинството.
Министерот за економија Крешник Бектеши, од своја страна, вчера соопшти дека со оваа Програма треба да бидат опфатени околу 7.500 домаќинства во времетраење од 12 месеци.
Финансиска поддршка ќе се доделува на лица доколку нивните редовни месечни примања не го надминуваат нето приходот и тоа, за самец до минимална плата, за домаќинство со два члена до 18.000 денари, за домаќинство со три члена до 21.000 денари, за домаќинство со четири члена до 25.000 денари и за домаќинство со пет или пак повеќе члена до 30.000 денари.
– Лицата со ниски примања за самец, домаќинство со два члена и за домаќинство до три члена се стекнуваат со намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 600 денари месечно, а лицата со ниски примања за домаќинства со четири члена и за домаќинства со пет члена или повеќе члена се стекнуваат со право на намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 800 денари месечно, сметано од денот на поднесувањето на барањето, појасни министерот Бектеши.
На новата цена на електричната реагираа и лидерите на двете најголеми партии во земјава. Претседателот на СДСМ и мандатар за состав на новата влада, Димитар Ковачевски во објава на Фејсбук оцени дека брзата реакција на Владата и мобилизирањето на сите домашни капацитети за производство на електрична енергија придонесоа да се спречи ценовен шок за граѓаните.
– Покачувањето на цената на електрична енергија за следната година ќе биде 9,48 проценти, што е далеку под првичните прогнози од преку 25 отсто. Се задржува ноќната евтина тарифа на струјата, како и таа во недела, а рестрикции нема да има. Владата дополнително обезбеди 60 милиони денари помош со Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2022 година, објави на својот Фејсбук профил Ковачевски.
Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, утврденото покачување на цената на киловат час електрична енергија заедно со укинувањето на дневната евтината тарифа, практично ќе значи поскапување на струјата за околу 15 отсто.
– Ќе се укинува евтината тарифа преку ден, што од прилика за 5 до 7 проценти ќе ја зголеми цената на електричната енергија и дополнителните 10 проценти што лавираат во информациите и брифинзите, би значело цената на електричната енергија би требало да се зголеми некаде околу 15-тина проценти во нето вредност, изјави Мицкоски пред РКЕ да ја објави стапката на зголемување на цената не електричната енергија.
Откако вчера го разгледа барањето на БЕГ за цената на топлинската енергија, РКЕ се очекува денеска да соопшти колку ќе поскапи парното. Според Бислимоски, ќе се бара начин да нема драстично зголемување на цената, бидејќи тоа би довело корисниците на парно да се исклучат од системот и за греење ќе почнат да користат електрична енергија.
– Повикувам на солидарност на сите чинители. Набавната цена на природниот гас во делот каде купува БЕГ по цена на берзи е околу 1480 долари за метар кубен. Ова е набавка за јануари и е за речиси шест пати повисоко од просекот во 2021 година кога изнесуваше 240 долари за метар кубен. Тоа што го мислев за електричната енергија, го мислам и за топлинската – дека драстично поскапување на парното не е решение зашто голем број потрошувачи ќе се исклучат од системот и ќе почнат да користат електрична енергија за греење. Во комуникација сме со Владата и мислам дека ќе наидеме на разбирање, но го повикувам и одговорните во Град Скопје и општините во Градот активно да се вклучат и ако е потребно да обезбедат соодветни субвенции за потрошувачите Очекувам да излезат во пресрет, истакна Бислимовски.
Првиот човек на РКЕ во интервју за МИА пред две недели информира дека Комисијата може да влијае само на 37,2 отсто од крајната цена на електричната енергија и дека зголемувањето од 13,6 отсто на цената на електричната енергија што ќе ја продава ЕСМ на ЕВН Хоум влијае со околу 4,5 проценти на крајната цена што ќе ја плаќаат купувачите по 1 јануари.
– Ако влијанието на ЕСМ во минатата одлука за цената на струјата што ја донесовме на 1 јули годинава е 34 проценти, тоа значи дека влијанието ќе биде околу 4,5 проценти на крајната цена што ќе се плаќа по 1 јануари. За најмалку толкав процент фактички мора да поскапи струјата. Ќе видиме како тоа ќе го истераме и со трошоците за обновливи извори на енергија и со трошоците од увоз. Но, тоа што го побарал ЕСМ значи минимум зголемување на цената од 4,5 проценти. Другите трошоци ќе ги детализираме во следните неколку дена, порачува Бислимоски и додава дека РКЕ од 2019 година не ја утврдува цената по која ЕСМ ја продава струјата.
Кон средината на месецов ЕСМ достави понуда до Универзалниот снабдувач со електрична енергија ЕВН Хоум за задоволување на 100 отсто од планираните потреби за тарифните потрошувачи за првата половина на наредната година за цена од 41 евро за мегават час, што е за 13,6 отсто повисока од понудата за периодот јули-декември 2021 година кога изнесуваше 36,1 евро за мегават час.