ЛОИ – ТОКИО 2020

На Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, Македонија имаше осум спортисти. Тоа беа Дејан Георгиевски (таеквондо), Магомедгаџи Нуров (борење), двајцата со олимписка А-норма, Јован Стојоски (атлетика), Пулексенија Јованоска (карате), Борјан Бранковски (стрелаштво), Арбреша Реџепи (џудо), Миа Блажевска-Еминова и Филип Деркоски (пливање). Шеф на македонската делегација беше спортскиот директор на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Владимир Богоевски, пишува Нова Македонија.

ГЕОРГИЕВСКИ – НОВИОТ МАКЕДОНСКИ СПОРТСКИ ХЕРОЈ

Таеквондистот Дејан Георгиевски (22) е новиот македонски спортски херој, кој ја израдува нацијата со освојувањето на сребрениот медал во Токио, прв за Македонија по Игрите во Сиднеј во 2000 година, кога со бронзено одличје се закити борачот во слободен стил Могамед Ибрагимов. Георгиевски сосема заслужено се искачи на победничкиот пиедестал во Токио, победувајќи квалитетни и добро познати ривали, како што се двократниот светски првак Алба Кастилјо од Куба, односно Кјо Дон Ин од Јужна Кореја. Георгиевски е 11-от спортист од Македонија што освојува медал на ЛОИ, по што Македонија сега има 14 медали освоени во пет спорта (борење слободен стил, бокс, фудбал, кошарка и таеквондо). Георгиевски останува голема надеж за медал и на следните ЛОИ во Париз во 2024 година.

НАЦИОНАЛНИ И ЛИЧНИ РЕКОРДИ

На првиот ден на Игрите, прв Македонец што настапи беше Борјан Бранковски, во дисциплината воздушен пиштол, 10 метри. Тој го освои 21-то место, погодувајќи 573 круга, што е нов национален рекорд. На Бранковски му недостигаа пет круга за пласман во финалето и борба за еден од медалите. За него ова ќе претставува голем поттик за што подобри резултати на натпреварите што му претстојат.
Атлетичарот Јован Стојоски на трката на 400 метри постави личен рекорд, со време од 46,81 секунди. Стојоски го освои 38-то место меѓу 48-те учесници во квалификациите.
Пливачот Филип Дерковски во дисциплината 400 метри слободно во силна конкуренција постигна време од 4:03,34 минути, што исто така претставува подобрување на времето за 76 стотинки со кое беше пријавен на Игрите. Младата пливачка Миа Блажевска-Еминова (15) на 100 метри слободно беше најбрза во втората квалификациска група (57,19 секунди), што, пак, за неа значеше пласман на 40-та позиција во конкуренција на 51 пливачка. Џудистката Арбреша Реџепи (категорија до 52 кг) во Токио загуби во првото коло од Британката Челси Гил и со тоа не успеа да ги продолжи натпреварите.

КАТАШКАТА ЈОВАНОСКА ВЛЕЗЕ ВО ИСТОРИЈАТА

Пулексенија Јованоска го освои деветтото место во изведба на кати на дебитантскиот настап на карате-спортот на ЛОИ во Токио, во конкуренција на 10 врвни натпреварувачки. Со тоа, Јованоска испиша историја во македонското карате и стана првата Македонка што воопшто настапила на ЛОИ во карате, спортот што во Токио го имаше премиерното издание, но е неизвесно за следните во Париз 2024 година. Јованоска (членка на КК Фунагоши Гичин) имаше добра изведба на двете кати во квалификациите, за изведбата на првата ката доби 23,80 поени (16,66 за техничка изведба и 7,14 за спортска изведба), а за втората ката 24 поени (16,80 и 7,20), што претставува и личен рекорд во изведба на една ката, а натпреварувањето го заврши со вкупна оценка од 23,90.

НУРОВ БЕЗ МЕДАЛ

Натурализираниот македонски борач во слободен стил (категорија до 97 кг) со дагестанско потекло, Магомедгаџи Нуров, кој беше последниот македонски олимпиец што настапи на Игрите во Токио и голема надеж за освојување медал, не успеа да стигне до посакуваното одличје. Нуров, кој според експертите беше вбројуван меѓу четворицата борачи фаворити за освојување на еден од медалите, во четврт-финалето загуби од Кубанецот Реинерис Салас Перез, иако важеше за фаворит. Нуров беше првиот македонски спортист со А-олимписка норма, обезбедена со бронзениот медал на Светското првенство (СП) во 2019 година, во Нур Сулатан (Казахстан).

НАЈНЕОБИЧНИ ИГРИ ДОСЕГА

По едногодишно одложување поради пандемијата на коронавирусот, ЛОИ во Токио, сепак, се одржаа, но под посебни засилени безбедносни и здравствени мерки. Растечките случаи на ковид-19 во Токио фрлија голема сенка врз ЛОИ, кои се одржаа без гледачи, за да се минимизираат здравствените ризици, но и рекордни 339 натпревари во 33 спорта. Повеќе од 11.300 спортисти од 207 земји (рекордни 48,8 отсто беа жени) се натпреваруваа за медал, за кој долго тренирале и мечтаеле од мали нозе. На ЛОИ во Токио имаше и пет нови спортови (карате, скејтборд, спортско качување, бејзбол/софтбол и сурфање), а беа воведени и нови настани во бокс, кану-слалом, кану-спринт, велосипедизам, веслање и во пливачките програми. Нови настани имаше и во мешаните спортови, вклучувајќи ги и мешаната штафета 4х100 метри во пливање и мешаната штафета во триатлон.