Минатата година Македонија заврши со најмал економски раст, а такви се прогнозите и за оваа година, во споредба со другите земји од Западен Балкан. Невработеноста се намалува, но треба да се работи на запирање на одливот на младите. За да се забрза економскиот раст, треба да забрзаат и структурните реформи што се во тек. Ова се главните поенти од презентацијата на Редовниот економски извештај за Западен Балкан, што вчера се одржа во Скопје.
Според презентираните податоци, Македонија и минатата и оваа година ќе ја дели истата судбина во однос на економскиот раст. Годинава за Македонија се очекува економски раст од 2,5 проценти, слично како и во Босна и Херцеговина каде што се проектира раст од 2,6 проценти, потоа е Албанија со очекувања за 3,3, па Црна Гора за која се смета дека ќе има раст од 3,4, Србија 3,5 и Косово 3,7 проценти. Лани, исто така најмал беше растот во Македонија, само 1 процент, а највисок во Црна Гора 6 проценти.
Во однос на минатогодишниот најнизок економски раст, од Светска банка коментираат дека тоа се должи на два фактора – нереализиран извоз според очекувањата и мали залихи кај компаниите.
– Помал извоз од очекуваниот е пред сè поради забавувањето на германската индустрија, односно на автомобилската со која е поврзано македонското производство. Кинеските електрични возила го преплавуваат европскиот пазар. Северна Македонија треба да размислува за диверзификација на своето извозно производство – вели Сања Маџаревиќ-Шујстер, виш економист во Светска банка.
Овогодишниот раст од 2,5 проценти се темели на раст на градежни работи, изградба на инфраструктура и проекти во енергетскиот сектор.
Фискалниот дефицит во нашата држава е најголем и изнесува 5,2 отсто од БДП за 2023 година по две технички буџетски прераспределби за да се приспособат дополнителните трошоци за плати и трансфери.
Според Маџаревиќ-Шујстер, изборните циклуси го забавуваат економскиот раст, а и мерките што тогаш се преземаат не одговараат секогаш на макро и на фискалната одржливост.
– За да се приближат приходите кон ЕУ, што би довело и до намалување на иселувањето, треба поголема фокусираност на структурните реформи што се во тек – забележува Маџаревиќ-Шујстер.
Во однос на инфлацијата што сè уште е голема болка кај нас, според прогнозите на Светска банка, годинава ќе биде 3 проценти.
– Трендот на намалување на инфлацијата продолжува, а забавеното враќање на нормалата е резултат на второстепените ефекти на инфлацијата. Ова значи дека ако на почетокот инфлацијата главно беше предводена од растот на цените на храната и на енергијата, сега тој раст се пренесува во самото производство, во производите што ќе излезат со повисоки цени, како и на услугите, затоа што има повисоки трошоци што се поврзани не само со материјалните инпути, туку и со повисоки трошоци за работната сила – објасни Јоана Маџоска, економист во Светска банка.
Според Маџоска, замрзнувањето на цените на храната е само привремена мерка што дала одреден резултат, но таа не може да биде долгорочна и не е структурна мерка кон која треба да се насочат креаторите на политиките.
Сања Маџаревиќ-Шујстер нагласи дека Македонија повеќе треба да се потпре на сопственото земјоделско производство, затоа што во минатото таа беше земјоделска земја со искористени компаративни предности, а сега е голем увозник на храна.