Ова беше клучната порака на министерот за финансии на Македонија, Фатмир Бесими, на средбата со експертите од Европската канцеларија за инвестиции за здравје и развој на Светската здравствена организација и по неговите дискусии во Собранието за националниот буџет за здравство, соопштија од канцеларијата на СЗО во Скопје.
Тој исто така додаде дека здравјето е критичен столб за развојот на човечкиот капитал и затоа министерствата за здравство и за финансии работат заедно на забрзување на националната реформа на примарната здравствена заштита.
Ова следуваше по неколку состаноци на СЗО со министерот за труд и социјална политика, амбасадорот на Обединетото Кралство, германскиот заменик-амбасадор и други клучни национални институции за здравство и статистика за развивање на првиот систем за следење на еднаквоста во здравството во земјата и за поставување на здравјето и еднаквоста во здравството на централно место во новата национална стратегија за развој, со цел значајно економско закрепнување и одржливост по пандемијата.
Македонија е првата европска земја што ја пилотираше алатката на СЗО за влијание и ублажување на еднаквоста во здравството заради обезбедување информации за националната стратегија за развој.
Наодите се искористени за да се соберат широк спектар на креатори на политики и различни засегнати страни околу здравствената еднаквост и ранливоста на населението, кои влијаат на националното закрепнување од Ковид-19 од аспект на економијата, социјалната правда и инклузивноста, информираат од СЗО.
– Инвестициите во здравството, здравствените системи и здравствените детерминанти треба да бидат во сржта на социјално-економското закрепнување од Ковид-19“, подвлече министерот за здравство Венко Филипче во својот предговор кон извештајот „Нееднаквост во здравството и Ковид-19 во Северна Македонија: инвестирање во здравје и благосостојба за поправична и поправедна иднина за сите”.
Препознавајќи дека повеќето разлики меѓу групите во здравствената состојба и исходите произлегуваат од социјални и економски процеси, СЗО во Македонија, како што се посочува, води стратешки заеднички заложби на здравствените власти и други партнери за постигнување еднаквост во здравството.
– Сите ние имаме улога во истакнувањето и справувањето со основните причини за здравствените нееднаквости и ќе имаме најголемо влијание за позитивна промена само кога здравјето ќе стане работа на сите и ќе биде ставено во сржта на сите национални политики, рече д-р Џихан Тавила, претставник на СЗО во Македонија.
– Успешноста на социјалната реформа не е во тоа што повеќе граѓани да бидат регрутирани во системот на социјална заштита, туку да ги активираме на пазарот на труд, преку изработка на индивидуални планови на Агенцијата за вработување и центрите за социјална работа. Дека Оперативниот план на активни мерки и програми е успешен говорат и бројките од 94 отсто реализација за минатата година и досегашните 87 отсто реализација за оваа година, рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.
Таа ја потенцираше важноста на меѓуинституционалната соработка и размена на податоци, особено при воведувањето мерки за поддршка на ранливите категории на граѓани.
СЗО, заедно со релевантните министерства, национални чинители и меѓународни партнери, има за цел да создаде национална рамка за следење на еднаквоста во здравството со вклученост на македонското Министерство за здравство, Државниот завод за статистика, Управата за е-здравство и неколку специјализирани здравствени институции, како што се Институтот за епидемиологија и Институтот за јавно здравје.
Овој повеќесекторски потфат во Македонија претставува пример за тоа како може да се усвојат и спроведат на национално ниво препораките од Монтиевиот извештај на Паневропската комисија за здравје и одржлив развој, кој им беше претставен неодамна на земјите членки на 71. сесија на Регионалниот комитет на СЗО за Европа, стои во соопштението од канцеларијата на СЗО во Скопје.