Поради продирањето на кинески авиони во зоната за противвоздушна одбрана, Тајван ги крена своите борбени авиони, соопшти тајванското Министерство за одбрана.
Тајван, за кој Кина смета дека е нејзина територија, рече дека испратил авиони и распоредил ракетни системи за да ги „следат кинеските активности“ во својата идентификациска зона за противвоздушна одбрана.
Одлуката следуваше откако 27 кинески воени авиони се проближија до тајванскиот воздушен простор.
Тензиите посебно се зголемија откако претседателката на американскиот Конгрес Ненси Пелоси престојуваше во посета на Тајван, на што официјален Пекинг се спротистави.
„Пелоси не е свесна за мноштвото проблеми во својата земја и не се грижи за егзистенцијата и благосостојбата на своите сограѓани, туку прави политички трикови и го повторува она што со бројни факти е докажано дека е лага на векот,“ напиша на Твитер портпаролката на кинеската Влада Хуа Чунјинг.
Таа додаде дека посетата на Пелоси на Тајван го разоткрива злокобниот мотив за користење на човековите права како изговор за мешање во внатрешните работи на други земји, поткопување на стабилноста на Кина и ограничување на развојот на Кина.
Велика Британија и Германија веднаш реагираа и побараа деескалација на ситуацијата.
Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас ја повика Кина да ја деескалира ситуацијата во врска со посетата на Ненси Пелоси. „Не го поддржувам нивниот воспалителен пристап. Сосема е нормално она што се случува (се мисли на посетата на Пелоси) и ја повикувам Кина на деескалација“, рече Трус.
За зголемените тензии коментираат и германските власти. – Берлин заедно со меѓународните партнери се залага за деескалација во Тајванскиот Теснец, изјави портпаролот на германското Министерство за надворешни работи.
Тој додаде дека воените закани се неприфатливи. Германија одржува блиски односи со Тајван, кој е важен партнер, изјави портпаролот на редовната владина прес-конференција.
Германската влада поддржува јасна политика „Една Кина“ како и САД, додаде владиниот портпарол.