За смртта на Шумковски информираше Мимоза Шумковска Велјановска и напиша текст во негово сеќавање. Нејзиниот Фејбсук статус ви го пренесуваме во продолжение:

Александар Шумковски е роден на 28.Август 1923 година во Скопје, од мајка Мирјам Нахама и татко Петар Шумков, родени во Солун а доселени во Скопје во 1919 година. Александар е едно од петте деца на Мирјам и Петар кои ги имале и Емилија, Михаил, Христина и Лилјана.
За време на втората светска војна и бугарската окупација, Александар се придружува на Народно-ослободителната војска на Македонија во Крива Паланка (Бригада „Гоце Делчев„), а по ослободувањето служи во Скопје до демобилизацијата во 1946 год. Од 1946 до 1997 година завзема високи функции во стопанскиот, општествениот и политичкиот живот за што говорат добиените одликувања, признанија, награди, благодарници и др. Непосредно по ослободувањето доделено му е да раководи со една од петте државни дирекции, т.е. со Главната дирекција за текстилна и кожарска индустрија во Македонија и во мандатниот период учествуваше во изградба и пуштање во погона на два значајни капацитети на текстилната индустрија- ТЕТЕКС-Тетово и „ Нонча Камишова„-Титов Велес и изврши припрема за изградба на „МАКЕДОНКА„-Штип и други капацитети а ги постави и темелите на извозно-увозната организација „МАКОТЕКС„-Скопје. Еден од најголемите работни успеси од неговиот ангажман во стпоанството на Македонија е секако изградбата на фабриката „АЦЕТИЛЕН„, Органско хемиската индустрија Наум Наумовски-Борче-„ОХИС„-Скопје, прв од таков вид на просторот на поранешна Југославија. Не помалку значајни се резултатите што ги постигнал во стопанските ресори на државната управа а особено во основањето и раководењето со Комитетот за надворешна трговија на СРМ и на Републичкиот секретаријат за економски односи со странство. Како афирмиран стопанственик во 1955 година станува претставник на македонските надворешно-трговска организација во Виена а подоцна е делегиран од Сојузната стопанска комора за директор на ССК во Индија и Индонезија. Во 1973 год. Во својство на член на Извршниот совет на СРМ, престојува во САД со задача афирмација на можностите на нашето стопанство за извоз во САД и увоз на нови технологии. Од контактите со хемискиот концерн DU PONT произлегува и иницијативата за изградба на капацитет за производство на полиестерски влакна –„ХЕМТЕКС„-Скопје. Подоцна активно продолжува со реализација на разни проекти од областа на стопанството, здравството, водостопанството и екологијата. Како консултант на јапонската корпорација SUMITOMO, во 1996 година во Република Македонија реализира здравствени проекти од преку 5 милиони долари како неповратна помош што Јапонската влада и ја додели на Р.Македонија. Како консултант на една од водешките Британски корпорации LEVY GEE Александар се ангажираше во привлекување на финансиски средства за реализација на капитални инвестиции во јавниот сектор во Р.М а пред се во енергетиката. Како истакнат стопанственик со потврдени остварувања од посебен интерес за стопанството на Р.Македонија, во 1997 година беше предложен за наградата „11 Октомври„.
Нека му е лесна земја!