Со оглед на топлотниот бран во западниот дел на Северна Америка, каде беа срушени многу рекорди, „јуни 2021 година беше најтоплиот јуни во Северна Америка“, се вели во објавата на Коперникус.
Јуни 2021 година го надминал просекот од 1991 до 2020 година за 1,2 степени Целзиусови, или 0,15 степени од претходниот најтопол јуни во регионот, регистриран во 2021 година, изјави за АФП Карло Буонтемпо, директор на Коперникус, поврзувајќи го рекордот со топлотниот бран што ја погоди Канада и дел на Соединетите држави.
-Овие топлотни бранови не се појавуваат од никаде. Тие се случуваат поради глобалната клима, која се загрева, што ги прави поверојатни, рече колегата аналитичар Џулиен Николас.
Тој додаде:
-Топлотните бранови што ги видовме минатиот месец во Северна Америка, западна Русија и северен Сибир се само последните примери на тренд што ќе продолжи и е поврзан со глобалното затоплување
Канада го сруши апсолутниот рекорд на температурата неколку пати за време на топлотниот бран, кој започна кон крајот на јуни, кој на крајот достигна 49,6 степени на 30 јуни, како што беше измерено во Литон. Оваа мала населба на 250 километри северо-источно од Ванкувер стана симбол на таа криза: рушејќи го историскиот рекорд, ја проголта пожар.
-Она што се случи во Канада е голем скок во однос на претходниот рекорд … Можеме да кажеме дека овие рекордни горештини се силен потсетник за влијанието што климатските промени можат да го имаат врз нашите животи, коментира Карло Буонтемпо.
Зголемувањето на бројот и интензивирањето на топлотните бранови во светот се очигледни последици од глобалното затоплување, предизвикано од човечка активност.
Светот веќе се загрева во просек најмалку 1,1 степени Целзиусови повеќе отколку во прединдустриската ера, предизвикувајќи повеќе екстремни временски услови, а Парискиот климатски договор има за цел да го запре тоа затоплување на под 2 степени Целзиусови, или, ако е можно, на 1,5 степени .
Во Европа, јуни 2021 година е втор најтопол месец досега, по јуни 2019 година, според Коперник, што укажува на особено високи температури во Финска и западна Русија, како и на сибирскиот Арктик.
На глобално ниво, јуни 2021 година го дели четвртото место по рекордни температури со јуни 2018 година, по јуни 2016, 2019 и 2020 година.