Насилството врз жените повеќе не е семеен или приватен проблем, туку е општествен. Нема да се толерира и со сите можни средства ќе се спротивставиме на кој било облик на насилство врз жените, вклучително и семејното насилство. За овој проблем не треба да молчиме и да го игнорираме, туку сите заедно и координирано, со заедничка посветеност да го решаваме, истакна министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
На отворање на тркалезна маса на оваа тема, таа рече дека тоа е обврска и од Истанбулската конвенција која Северна Македонија ја ратификуваше меѓу првите земји, во 2017 во Собранието, и дека во 2018 веднаш се пристапило кон подготовка на Акциски план (2018-2023) за имплементација на обврските од Конвенцијата.
-Насилството врз жените, вклучително семејното насилство, не е нешто што се случува кај нас, туку и во многу подемократски и поразвиени и економски богати земји. Но, ние како држава треба да сме подготвени брзо да одговориме на секој случај на насилство врз жена и да ги подготвиме и граѓанските организации и надлежните институции за брз одговор на овој проблем, рече Тренчевска во воведното обраќање на тркалезната маса организирана од Националниот совет за родова рамноправност.
Една од првите активности од петгодишниот Акциски план е донесувањето на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. Посочи дека во изминатиот период се донесени пет подзаконски акти произлезени од овој закон, а наскоро ќе бидат подготвени уште три кои, како што рече, ќе значат многу подобра имплементација на одредбите од Истанбулската конвенција во однос на итните мерки и на координацијата и мултисекторскиот пристап на сите институции во одговор на овој проблем.
-Исто така, и она што не постои во државата, а е неопходно, тоа е систем на податоци и следење на секој случај од пријавата до неговата завршница, за да видиме каде затајува системот и да можеме да реагираме, но и да имаме податоци кои понатаму ќе послужат за креирање нови мерки и политики со цел успешно справување со родово базираното насилство вклучително и семејното насилство, истакна министерката за труд и социјална политика.
Соопшти и дека МТСП во изминатиот период пристапило кон отворање сервиси за заштита на жртвите со намера да има покриеност во сите седум плански региони во државава. Отворени се 13 центри за жени и нивните деца жртви на семејно насилство, 10 специјализирани советувалишта за жртвите и осум советувалишта за психосоцијален третман на сторителите на семејно насилство.