На дневен ред на седницата на Комисија за транспорт, врски и екологија, закажана за во 11 часот, ставени се 11 предлог закони, повеќето од областа на екологијата. Членовите на Комисијата треба да ги разгледаат и предлог измените и дополнувањата на Законот за постапување на бесправно изградени објекти, во второ читање, и Законот за урбанистичко планирање, по скратена постапка.

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, која треба да почне во 11 часот, ќе ги разгледува предлог измените и дополнувањата на Законот за матична евиденција, прво читање, како и Предлог на одлука за давање согласност на општите акти на Народниот правобранител.

На дневен ред на седницата на Законодавно-правната комисија, закажана во 13 часот, ставени се 23 точки. Меѓу точките, е и Предлог на закон за утврдување на максималните цени за болничко лекување и за тестирање на пациенти со Ковид-19 во приватните здравствени установи, прво читање, поднесен од пратениците од Левица, како и предлог измените и дополнувањата на Законот за работни односи, второ читање, поднесен од пратеници од мнозинството во Парламентот.