Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, при своето гостување на ТВ Стар во емисијата „Што мисли народот“, откри дека Министерството било во тотален хаос при преземањето на власта. Затекнати биле нефункционални системи, блокирани проекти и неисплатени субвенции, што го отежнало почетокот на работата. Меѓу приоритетите биле решавањето на овие проблеми и враќањето на довербата кај земјоделците.
„Можам да кажам со една реченица дека затекнавме целосно блокирано министерство поради неефикасноста на претходната власт
Исплатени субвенции на илјадници земјоделци
Првиот приоритет на Министерството беше исплатата на заостанатите субвенции. Во првите 100 дена, донесена е одлука на Владата за измена на Програмата за директни плаќања, со што беа обезбедени 600 милиони денари. Со овие средства, беа исплатени субвенции на над 15.000 земјоделци, вклучувајќи полјоделци, сточари и производители на млеко. Покрај тоа, обезбедени се уште 1 милијарда денари преку ребалансот на Буџетот за дополнителни заостанати субвенции.
„Исплативме субвенции на илјадници земјоделци и со тоа обезбедивме поддршка за различни категории земјоделски производители,“ истакна Трипуновски.
Решени проблеми со платите и осигурувањето
Покрај субвенциите, Министерството интервенираше во решавање на проблемот со неплатените плати за вработените во ЈП Македонски шуми и АД Водостопанство. Со обезбедени 350 милиони денари, беа исплатени заостанатите плати и придонеси за над 3.000 вработени кои беа оставени без здравствено и пензиско осигурување.
„Немаше простор за одложување – платите мораа да се исплатат веднаш, бидејќи вработените беа во многу тежок финансиски статус. Околу 3.000 вработени останаа без здравствено и пензиско осигурување, како и без редовни примања. По предлог на премиерот, обезбедивме 350 милиони денари. Платите за овие вработени беа веднаш исплатени, затворивме неколку јавни повици и потпишавме над 967 договори со земјоделци низ цела Македонија. Станува збор за површина од над 2.700 хектари, што значи дека процесот на распределба на земјоделското земјиште веќе е започнат“
Модернизација на мерките и распределба на земјоделско земјиште
Трипуновски најави подобрување на мерката за зелена нафта, со која беа исплатени над 493 милиони денари. Според него, мерката не функционирала во полн капацитет, но од наредната година ќе биде корегирана за поголема поддршка на земјоделците. Министерството исто така се фокусира на распределбата на земјоделско земјиште, со склучени над 967 договори на површина од 2.700 хектари.
Акции за заштита на македонските шуми
Министерството спроведе повеќе од 16 успешни акции за заштита на македонските шуми, во соработка со Шумската полиција. Запленети беа големи количини нелегално исечена дрвна маса и алати за сечење. Овие акции имаат за цел да го заштитат националното богатство и да го спречат понатамошното уништување на шумите.
„Бевме активно вклучени во многу сектори, а посебно се посветивме на заштитата на нашето најголемо национално богатство – македонските шуми. Со целосна поддршка од Шумската полиција, спроведовме десетици акции низ различни делови на Македонија. Имавме повеќе од 16 успешни акции во кои беа запленети големи количини дрвна маса, транспортни средства, алатки за сечење и друго,“
Порибување на Охридското Езеро и поддршка за земјоделците
Трипуновски истакна дека е започнато порибување на Охридското Езеро, проект кој беше занемарен со години. Потпишани се договори со две компании за заштита на охридската пастрмка, со што ќе се спречи нејзиното истребување.
Владата, исто така, донесе одлука за зголемување на субвенциите за производство на јачмен од 6.000 на 12.000 денари по хектар, додека за пченицата, беа обезбедени 3 денари по килограм предадена пченица во регистрирани откупни центри.