Шестоодделенците се наоѓаат во ситуација кога преминуваат од одделенска во предметна настава и тоа за нив е голема промена, а дополнително и оваа ситуација со немањето учебник, им создава тензија, вели наставничка по македонски јазик во основно училиште во општина Центар

Додека се чека да завршат сите процедури и конечно учебниците кои недостасуваат да стасаат во училиштата, на часовите се користат материјали за учење. Вакви материјали, кои се налик на учебници но се во скратена верзија, се користат по предметот македонски јазик за шесто одделение, математика за трето, потоа, по предметот историја и општество за шесто одделение и по други предмети.

Мета.мк поразговара со наставнички кои споделија искуство од работата на часовите со овие материјали, кои всушност во печатена форма ги имаат главно наставниците, а учениците не е задолжително да ги печатат и да ги имаат.

„Јас предавам македонски јазик. Материјалот за шесто одделение си го симнав од веб-страницата на Бирото за развој на образованието, бидејќи учебник по предметот немаме. Самите ученици се наоѓаат во ситуација кога преминуваат од одделенска во предметна настава и тоа им е голема промена, па дополнително и оваа ситуација со немањето учебници им создава дополнителна тензија“, вели наставничка по македонски јазик во основно училиште во општина Центар.

Таа им го диктира материјалот на учениците на часовите. Родителите доброволно си го симнале прирачникот од сајтот на БРО, за да им олеснат на децата и за да можат да учат додека се дома. Во однос на оценувањето кое е во тек бидејќи сега се пишуваат оценки за тримесечие, наставничката вели дека учениците се оценуваат описно во шесто одделение, па освен од материјалот граматика и литература, се оценува и читањето и анализите на лектирите.

„Во однос на самиот материјал за учење, тој е прилагоден за возраста на децата. Наменет е само за прво полугодие, па очекуваме дека вистинските учебници ќе ни стасаат во целост наскоро“, вели наставничката.

Вчера министерот Јетон Шаќири во изјава за медиумите кажа дека имало случчаи кога требало да се работи на графичко-техничка подготовка на учебниците, па затоа дел од нив доцнат. Се случувало и да се појави потреба од правење корекции.

Во август, надлежните најавија дека учениците во трето и во шесто одделение нема да добијат нови учебници согласно новата Концепција за основно образование. Учебници одобрува Националната комисија за учебници, по што тие се печатат и испорачуваат.

Учебниците се сериозен проблем со кој системот се соочува пред речиси секој почеток на нова учебна година. Има проблем да се најдат автори кои ќе ги напишат (што е посебно изразен проблем во средното образование), како и рецензенти кои ќе ги рецензираат ракописите. Потоа, следува разгледување и одобрување од Националната комисија за учебници, па техничко уредување, печатење и на крајот, испорака.

Иако надлежните во МОН тврдат дека прават максимални напори за учениците да го имаат основното средство за совладување на наставната материја по секој еден предмет, сепак, пет дена по стартот на новата учебна година, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), донесе одлука да поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес против МОН поради тоа што недостасуваат учебници во основното образование.

„МОН го повреди правото на еднаков пристап до квалитетно образование на поголема група ученици од основното образование, извршена со необезбедување учебници по секој предмет и на сите јазици на кои се изведува наставата во задолжителното деветгодишно образование“, наведе тогаш КСЗД во соопштението.