Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека по барањето на Општина Тетово за почнување на учебната година со онлајн настава во првите три недели, Комисијата за заразни болести одлучи само средните училишта да имаат наставен процес преку интернет и тоа за првите две недели во Тетово и Гостивар, а како ќе се одвива понатаму ќе зависи од развојот на ситуацијата.
-Една од главните причини за оваа одлука е состојбата во болниците кои се преполни, пациенти од Тетово и Гостивар се сместуваат во Скопје. Бројката на ученици во средните училишта е висока и може да биде дополнителен ризик фактор иако морам да потенцирам дека немаше трансмисија во училиштата минатата учебна година кога 40 проценти од учениците беа во училниците. Но мораме да сме внимателни сепак сега имаме преполни болница и не може да се преземе ризик да се случи уште едно дополнително влошување на состојбата. Добро е што бројките на заболени се намалуваат. Масовната имунизација и стекнатиот имунитет веројатно е го прави бранот поразличен, но за да потврдиме ова треба уште некое време треба да помине. Опфатот на вакциниција порасна од 23 на 35 отсто во Тетово, рече Филипче по средбата со градоначалничката на Тетово Теута Арифи.
За предлогот на Општина Тетово да се бараат задолжителни негативни тестови од невакцинираните просветни работници истакна дека тоа се предлози за кои ќе се разговара на владиниот Главен координативен кризен штаб, а Владата на седница носи одлука.
-Точно е дека во повеќе европски земји луѓето носат мерки со цел да се зголеми опфатот со вакцинација и ние ги гледаме тие пораки и тие предлози. Сега се вакцинирани близу 70 проценти од вработените во училиштата. И верувам дека тоа и почитувањето на мерките, ова важи за територијата на целата држава за сите училишта, дека навистина ќе придонесе да имаме една од епидемиолошки аспект мирна учебна година. Еве сега, дополнителен придонес е вакцинацијата не само таму туку и на општото население, така што за сите предлози ќе се дискутира и на Штабот и на Владата, изјави Филипче.
За наставата на универзитетите во полошкиот регион, како што рече, посебно ќе се разговара со нив со оглед на посебните карактеристики кои ги имаат овие образовни установи.
Како што информираше вчера министерката за образование и наука, Мила Царовска, во соработка со локалните самоуправи, раководствата на училиштата, граѓанските организации и странските партнерски организации како УНИЦЕФ, УСАИД, Светска банка и други активно се работело на подготовка на училиштата за прием на учениците.
– Се работеше и на непречена реализација на наставата која нема да биде само на едно оптимално ниво, туку на доволно квалитетно ниво за да се почувствуваат придобивките од новата концепција за основно образование, изјави Царовска по посетата на основното училиште „Дане Крапчев“ во општина Гази Баба.