Укината апанажа или “многу врева за ништо“?!, со овој наслов професорка на Правниот факултет и екс министерка Рената Дескоска  на социјалните мрежи ја коментира вчерашната одлука на Уставниот суд за укинување на апанажата за функционерите.

Во продолжение нејзиниот став: 

Вчерашната одлука на Уставниот суд со која се укина членот 22 од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на РМ и другите избрани и именувани лица во Републиката, силно одекна во јавноста.
Не сакам да бидам „расипувач на забави“, но сметем дека треба да си го поставиме прашањето дали ефектот на вчерашната одлука на Уставниот суд ќе биде укинување на #апанажата во случаи на разрешување и оставка.
Во законот постои член 19 кој гласи:
Член 19
Пратеник кој за време на вршењето на пратеничката функција остварувал плата или надоместок на плата во месечен износ во Собранието, функционер и раководен работник кој го именува Собранието, односно назначува телото што тоа ќе го овласти претседателот на Република Македонија и Владата кој за време на вршењето на функцијата остварувал плата, може да остварува плата по престанувањето на функцијата за време до една година, и тоа:
– три месеци, ако функцијата ја вршел до шест месеци,
– шест месеци, ако функцијата ја вршел од шест месеци и еден ден до 12 месеци,
– девет месеци, ако функцијата ја вршел од 12 месеци и еден ден до 24 месеци и
– 12 месеци, ако функцијата ја вршел 24 месеци и еден ден и повеќе.
Значи, остана одредбата од членот 19 кој предвидува апанажа за функционерите на кои им престанала функцијата (по било кој основ), без разлика дали предвремено или по истек на мандатот. Кои се предвремени основи за престанок на една функција? Разрешување, оставка (од било кои причини, лични, здравствени, заради политичка одговорност итн), распуштање на Собранието, избор на нова Влада или по сила на закон (кога ќе настане некоја околност предвидена во законот), како на пример со престанок на мандатот на министерот – претстанува мандатот на државниот секретар (што е лошо решение – видовме парализирани министерства изминатите две недели кога со разрешување на министрите и државните секретари ги изгубија функциите).
Членот 19 предвидува апанажа и при престанок на мандатот со негов истек и при предвремен престанок на мандатот, без конкретно да наведува или да прави разлика меѓу случаите. Предвремениот престан на функцијата дури е и наведен во четирите алинеи каде се предвидува различно траење на апанажата во зависност од траењето на функцијата. Овие алинеи се подоцна внесени во законот и тогаш не е интервенирано во членот 22, кој сега е укинат.
Сега ни останува да ја почекаме објавена одлуката на Уставниот суд и нејзиното образложение, односно како ќе го толкуваат начелото на владеење на правото и дали основ ќе биле уставноста или целисходноста (ова го пишувам бидејќи имав можност да прочитам едно издвоено мислење во кое некои судии аргументираат за наводна (не)целисходност на некои законски одредби, што секако не е надлежност на Уставниот суд). Секако ќе биде интересно да го видиме и постапувањето на органите во првиот случај кога разрешен функционер ќе поднесе барање за апанажа, за да видиме дали нешто практично смени вчерашната одлука или ќе излезе „многу врева за ништо“…