Утре стартува работната група за уставни измени без опозицијата. Професорката Митревска го понуди своето столче на ВМРО-ДПМНЕ. Во изјава за Телевизија 24 Митревска ги отфрли обвинувањата на опозицијата дека оддржува блиски релации со официјална Москва.

Вели, дека нејзините академски студии ги поминала таму проучувајки го политичкиот систем и го понуди своето место во експертската група на ВМРО-ДПМНЕ.

– Доколку на некого му смета моето присуство во експертската група, нека повелат оние кои ме напаѓаат, нека учествуваат во комисијата и нека градат различни мислења. Јас мислам дека со дела се брани својата татковина, вели Јагода Митревска проф на Меѓународен Славјански Универзитет.

Велите дека сте спремна да се повлечете, доколку ВМРО-ДПМНЕ реши да се приклучи во работната група?

– Да. Мораме во демократски односи да имаме и различни мислења.

Телевизија 24 побара став од ВМРО-ДПМНЕ. дали партијата во последен момент ќе се предомисли и ќе го пополни столчето кое Митревска го понуди, но одговорот кое го добивме е дека темата уставни измени за нив е завршена.

Од Министерството за правда, пак, за телевизија 24 потврдија дека утре во просториите на министерството ќе се оддржи конститутивна седница на работната група за иницијативата за уставни измени

– На седницата ќе се избере претседател, заменик претседател на работната група и ќе се утврди методологијата и начинот на работа. Работната група има вкупно 23 членови од кои 10 се експерти, 10 се предлози на политички партии и 3 се од институции. Предлагач на уставните измени е Владата, а Министерството за правда е телото кое е задолжено да ја подготви предлог иницијативата. Откако ќе се подготват измените, предлогот ќе ги помине сите работни тела во рамките на Собранието, велат од Министерството за правда.

Експертите пак со критики, велат дека се прави грешка во чекори.

– Прво, се формира комсиија, а нема во Собранието постапка, првенствено требаше да се донесе одлука за потреба од отворање на Уставот, потоа да се формира таа комисија. Затоа, сега власта – што треба да направи ? Да се врати неколку чекори наназад , да седне на маса со опозицијата, да седне на маса со јавноста. Затоа што 72 проценти од јавноста, од Македонците- не се согласуваат со ова што го турка владата, вели колунистот Никола Тасев.

По формирањето на иницијативата ќе се отвори широка јавна дебата која треба да почне до крајот на мај. За отварање на Уставот, пак, неопходно е во Собранието да гласаат најмалку 80 пратеници. Мнозинството засега е во ќор сокак.