Одлука за подготвителна седница за Законот за јазиците

Уставниот суд на Северна Македонија одлучи да одржи подготвителна седница за уставноста на законот за јазиците. Оваа одлука беше донесена на вчерашната седница, а целта е да се слушнат мислењата на експертската јавност за спорните прашања поврзани со законот.

Судијката известител Елизабета Дуковска ќе ја состави листата на учесници и ќе предложи датум за одржување на седницата.

  • „Сметам дека имаме обврска да ја увериме јавноста во нашата објективност и да ги отфрлиме сите сомнежи кои постојат. Предлагам да се одржи подготвителна седница за овој предмет. Важно е да напоменам дека долго време немаме одржано ваква седница. Иако претходно имавме една подготвителна седница за истиот предмет, таа беше ограничена само на разгледување на указот за прогласување на законот за јазиците, а не и на содржината на самиот закон. Ништо нема да изгубиме ако сега одржиме ваква седница.“ – изјави судијката известител Елизабета Дуковска.

Различни ставови меѓу уставните судии

Седницата започна без присуство на двајцата судии од албанската етничка заедница – Осман Кадриу и Насер Ајдари. Поради нивното отсуство, судијата Фатмир Скендер побара одложување на расправата за законот за јазиците, нагласувајќи дека судот треба да одлучува кога ќе биде комплетиран со сите девет судии.

Неговиот предлог не беше прифатен од другите судии. Поради тоа, Скендер одби да учествува во натамошното одлучување по оваа точка, но продолжи да учествува во расправата за другите точки од дневниот ред.

  • „Нема потреба од одржување подготвителна седница. Предметот е сосема јасен и судот е веќе доволно транспарентен во својата работа. Организирањето на подготвителна седница нема да придонесе за зголемување на транспарентноста. Кои се тие експерти што ќе ни кажат дали нешто е уставно или не? Тоа е наша надлежност и наша одговорност. Не може закон што е донесен со двотретинско мнозинство да биде надминат со обичен закон. Имаме и мислења од Венецијанската комисија кои се јасни и укажуваат дека треба самите да одлучиме.“ – изјави судијката Добрила Кацарска.

Спротивно на овој став, претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, заедно со судиите Ана Павловска-Данева, Јадранка Дабовиќ и Татјана Васиќ-Бозаџиева, го поддржаа предлогот за одржување на подготвителна седница.

„Стража за јазикот“ продолжува – активистите на ДУИ остануваат на терен

И покрај одлуката за подготвителна седница, активистите на ДУИ не ја прекинаа акцијата „стража за јазикот“, која се одржува пред влезот на Уставниот суд. Раководството на ДУИ соопшти дека партиските активисти ќе останат пред судот и ќе продолжат со акцијата за заштита на албанскиот јазик.

  • „Го осудуваме продолжувањето на седницата на Уставниот суд со состав во кој има претставници само од една етничка заедница. Во мултиетничка држава е неприфатливо орган од такво значење да расправа по чувствителни прашања без присуство на судии од другите заедници. Испратената порака со отсуството на судиите од албанската заедница беше доволно јасна за да се прекине седницата. Историјата покажува дека ваквите едноетнички состаноци се најава за тешки периоди во мултиетнички општества. Цврсто се спротивставуваме на продолжување на постапката за укинување на законот за јазиците. Единствено правилно решение е Уставниот суд да ги отфрли сите 13 точки кои се поднесени. Ние нема да се откажеме од ‘стражата за јазикот’.“ – изјави Бујар Османи, поранешен министер за надворешни работи.

Коалицијата „Вреди“ испрати порака за заштита на албанскиот јазик

  • „Албанскиот јазик е и ќе остане неразделен дел од институциите во нашата држава. Коалицијата ‘Вреди’ ќе продолжи со напорите за заштита и гарантирање на ова основно право, кое е неприкосновено. Кога рековме дека албанскиот јазик нема да биде допрен, го мислевме тоа и сега се покажува дека сме биле во право. Ова не е само збор, туку и акција. Порачуваме дека ќе продолжиме да се залагаме за унапредување на правата на Албанците, бидејќи тоа е наш приоритет. Ние нема да дозволиме поединци кои ги злоупотребувале позициите да ја загрозат иднината на еден народ.“ – изјави Ријад Шаќири, пратеник од коалицијата „Вреди“.

Костадиновски реагира на притисоците врз Уставниот суд

  • „Ние, изминатиов подолг период, сме сведоци на невообичаени појави на политичко влијание, притисоци и обиди за уцени врз Уставниот суд. Веќе имам истакнато дека нема да дозволам Уставниот суд да биде под какво било влијание или уцена, без оглед од каде тие доаѓаат. Секој што мисли дека може да го попречи владеењето на правото преку манипулации или политички притисоци, треба да знае дека тоа нема да се случи. Судот ќе остане независен и објективен.“ – изјави претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.

Реакции од албанскиот премиер Еди Рама

  • „За мене е несфатливо зошто воопшто се отвора прашањето за албанскиот јазик во Уставниот суд на Северна Македонија. Правата кои ги имаат стекнато Албанците во оваа држава не треба да бидат предмет на судска расправа. Овие права не се резултат на политички договори, туку се дел од процес кој го зајакна заедничкиот дух меѓу Македонците и Албанците. Тоа се права кои ја држат државата заедно и ја туркаат кон западните вредности. Поради тоа, сметам дека е неумесно тие да се преиспитуваат на овој начин.“ – изјави албанскиот премиер, Еди Рама.