Во периодот од 1 септември до 20 октомври 2022 година во Уставниот суд беа оформени 15 предмети по претходно поднесени иницијативи за оценување на уставност и законитост. Согласно Деловникот предметите се распределени кај советници на Судот и судии и се во почетна фаза, односно во претходна постапка.
За еден од предметите, како што соопштија од Уставниот суд, каде подносител е Здравствената установа АД Цар Самуил во село Банско преку адвокатот Драги Аљков се оспорува уредба за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежно земјите што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација и закуп на градежно земјиште.
Според наводите во иницијативата, подносителот како неуставна и незаконска ја смета оспорената Уредба бидејќи според него на постапките за приватизација на градежно земјиште започнати пред денот на влегување во сила на оспорената Уредба се применува надоместокот којшто е составен дел од оспорената Уредба. Според наведеното во иницијативата Уредбата создава тешка материјално-финансиска обврска за лицата кои постапката ја покренале многу порано и причините поради кои не е завршена на време нема никаква вина со оние коишто треба да плаќаат согласно утврденото во Уредбата.
Уставниот суд оформи и предмет поднесен од Здружение на граѓани „Засегнати сопственици на недвижен имот”, каде како оспорен акт се наведува Одлука бр. 40-10753/1 од 14.12.2021 во делот на приватниот недвижен имот опфатен во „Заштитениот предел Малешево”, од петта категорија, донесена од страна на Владата на Република Северна Македонија.
Подносителот наведува дека со донесувањето на оспорената одлука е повредено уставно загарантираното право на сопственост, неколку одредби од Законот за сопственост и други стварни права. Се наведува дека постапките за прогласување на „Заштитниот предел Малешево” се изведени на избрзан, нетранспарентен и незаконит начин, без партиципативно учество на сопствениците на недвижниот имот, без одржан референдум за изјаснување на граѓаните и со непочитување на основните елементи на Архуската Конвенција. Подносителот наведува дека ниту еден сопственик на приватен недвижен имот од Берово не бил известен ниту прашан за согласност.
Оформен е и предмет од подносителот Самка Ибраимовски, каде е оспорен член 153-а, став 3 од Изборниот законик кој гласи „ако наредниот кандидат жена од листата од ставот 2 од овој член не ја извести Државната изборна комисија во рок од осум дена за прифаќањето на мандатот, тоа право се пренесува на наредниот кандидат жена од листата”.
Според наводите во иницијативата, подносителот бара да се укине и утврди како противуставен зборот „жена” повикувајќи се на членот 9 став 1 од Уставот кој предвидува дека сите граѓани се еднакви во слободите и правата независно од полот итн и се еднакви пред Уставот и законите.
Уставниот суд оформи предмет по претходно поднесена иницијатива од Славко Лазевски кој го оспорува член 4 став 3, член 54 точка 3 и член 112 став 2 од Законот за работни односи.
Подносителот на иницијативата наведува дека оспорените одредби не се во согласност со Уставот бидејќи не содржат одредби за остварување на правото на платен неделен одмор, како што е уставно загарантирано преку членот 32 став 4 од Уставот.
Оформен е и предмет по иницијатива од подносителот Славко Лазевски кој го оспорува член 2 точка 29 од Законот за катастар на недвижности. Оспорената одредба која гласи „заинтересирано лице е лице кое за докажување на својот правен интерес за поднесување на пријава за запишување, покрај правен основ за запишување и геодетски елаборат, приложува и изјава заверена кај нотар во која се содржани основите за правниот интерес”, подносителот ја цени како спротивна на владеењето на правото. Според наводите во иницијативата со одредбата се изразува недоверба кон државниот службеник кој има оригинерни јавни овластувања и дадената изјава пред него е поверодостоен доказ од изјавата пред лицето со пренесени јавни овластувања од министерот за правда, како што е нотарот во предметниот случај.
Уставен суд оформи предмет и од иницијатива поднесена од Синдикална организација на Самостоен Синдикат М-НАВ застапувани од адвокат Хари Ајцев, која ги оспорува член 24 став 1 од Законот за измена и дполнување на Законот за здолжително капитално финансирано пензиско осигурување во делот „или во текот на осигурувањето имале стаж на осигурување кој се смета со зголемено траење”; член 1 точка в од Правилникот за пренос на средства по престанок на членство во задолжителен пензиски фонд во делот „или во текот на осигурувањето имале стаж на осигурување кој се смета со зголемено траење”; член 7 став 1 од Правилникот за пренос на средства по престанок на членство во задолжителен пензиски столб во делот „или во текот на осигурувањето имале стаж на осигурување кој се смета за зголемено траење” и член 7 став 2 од Правилникот за пренос на средства по престанок на членство во задолжителен пензиски столб во целост.
Подносителот смета дека оспорениот член 24 став 1 е спротивен на начелото на правна сигурност, бидејќи граѓаните се ставени во ситуација да не знаат како ќе се третираат нивните средства во вториот пензиски столб заради дискрециона волја на државата. Подносителот смета дека е недозволиво државата да им го укине членството во вториот пензиски столб само затоа што имале бенифициран работен стаж во својата работна кариера, макар и еден ден. Се наведува дека тој член 24 став 1 има ретроактивно дејство бидејќи се одземаат средства наменети за пензија од осигуреник кои се акумулирале согласно дотогаш важечките одредби и немало можност да пристапи кон вториот задолжителен пензиски фонд. Според иницијативата се нанесува штета на личниот имот на лицата со бенефициран стаж.
По претходно поднесена иницијатива од Ванчо Иванов, Уставниот суд оформи предмет и каде се оспорува член 19 став 1 и 3 точка 4 од Правилникот за технички преглед на возила на Министерството за внатрешни работи. Според наводите во иницијативата подносителот наведува дека Правилникот за технички преглед донесен од МВР не е усогласен со Законот за изменување и дополнување на Законот за возила во членот 66 став 1 точка 3 бидејќи при контрола од страна на службените лица на МВР различно се толкува законот и правилникот. Во иницијативата се наведува дека службените лица на МВР донесуваат решенија за забрана на работа на станици за технички преглед ако не се придржуваат до правилник од 2010 година. Дополнително подносителот наведува дека своеволно се толкува кој ќе врши контрола дали раководител со работно искуство од 3 години или некој со искуство од 6 и 12 месеци и не се признаваат повисоките звања како магистри или доктори на науки.
Уставниот суд оформи предмет поднесен од Ацо Томановски застапуван од адвокат Калин Митрески кој ја оспорува уредбата за изменување на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежно земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште донесена од страна на Владата на Република Северна Македонија. Од наводите во иницијативата подносителот наведува дека Уредбата е во спротивност со темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија бидејќи законите и другите прописи не може да имаат повратно дејство и смета дека оваа Уредба не влијае поповолно за граѓаните.
Оформен е и предмет од подносител на иницијатива Добра Петковска која го оспорува Законот за социјална сигурност за стари лица. Според подносителот на иницијативата Законот е во спротивност со членовите 9 став 2, 35 став 2, 36 став 1 и 51 став 1 од Уставот.
Уставен суд оформи предмет и од подносителот Мите Димоски во чија иницијатива се оспорува член 19 став 1 и 3 точка 4 од Правилникот за технички преглед на возила на Министерството за внатрешни работи. Оваа иницијатива има исти оспорени одредби и наводи како во иницијативата 95/22 и согласно Деловникот на Уставниот суд, заеднички ќе се одлучува во еден реферат.
Оформен е предмет по претходно поднесена иницијатива од Славко Лазовски каде е оспорен член 35 став 1 и 2 од Законот за експропријација. Според наводите во иницијативата роковите кои се предвидени во оспорените одредби ја ограничуваат сопственоста и правата кои произлегуваат од неа при непостоење на јавен интерес, односно по неговото престанување бидејќи актот за планирање на просторот со кој е воспоставен јавниот интерес престанал да важи. Подносителот тврди дека иако јавниот интерес престанал, ограничувањето на сопственоста продлжува по барање на оштетениот поранешен сопственик.
Еден од оформените предмети е од поднесена иницијатива од Наташа Шурбановска во која е оспорен член 23 став 2, 3 и 4 од Законот за урбанистичко планирање. Во иницијативата е наведено дека оспорениот член ги загрозува темелните вредности на уставниот поредок и пропишува права за донесувачот на планот да може да ги толкува одлуките на Уставниот суд, односно дали се однесуваат за целиот или дел од планот, кој бил основот на укинување на спорниот урбанистички план и во кој дел и обем е укинат тој план. Подносителката напоменува дека со оваа одредба се дозволува донесувачот на планот да ја заобиколи и скрати целокупната постапка за донесување на нов урбанистички план и да не ги почитува одлуките на Уставниот суд, бидејќи според неа ако тој план е укинат или поништен од Судот не постои во правниот систем повеќе и е ирелевантно кој бил основнот за тоа поништување или укинување.
Уставен суд оформи предмет по иницијатива поднесена од Сашо Балабанов кој го оспорува член 33 став 1, 67 став 1 од Законот за заштита на населението од заразни болести, – член 7 став 1 алинеја 2 од Правилникот за изменување на правилникот за формата; содржината и начинот на водење на педагошката документација и евиденција во детска градинка и центар за ран детски развој; член 60 став 2 од Закон за основно образование.
Подносителот ги оценува како противуставни оспорените одредби поради тоа што се наложува задолжителна вакцинација за сите лица против туберкулоза, дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа, мали сипаници, црвенка, заушки и вирусен хепатит Б. Се оспорува и предвидената глоба од 300 до 650 евра за физичко лице кое ќе одбие вакцинирање. Исто така како противуставен го оценува фактот дека при запишување во градинка и во прво одделение родителите се должни да достават податоци за вакцинален статус или потврда за примените задолжителни вакцини на детето. Подносителот наведува дека секое дете согласно Законот за основно образование има право на бесплатно квалитетно образование