Во најголемиот пункт, салата „Борис Трајковски“, од понеделникот со вакцини „Спутник“ се имунизираат припадници на војската и полицијата, здравствени работници, наставници од прво до трето одделение и воспитувачи во градинките. Следната недела ќе бидат вакцинирани вработени во обвинителството, судовите, инспекциските служби, новинарите и медиумските работници, најави вчера министерот Венко Филипче, соопштувајќи дека досега се вакцинирани 18 261 граѓанин.

Паралелно тече и вакцинацијата на лица над 77 години со вакцината „Астра Зенека“ во пунктовите во здравствените домови низ земјава. Како ќе стигнуваат нови дози, ќе се спушта и старосната граница за да бидат имунизирани што поголем број граѓани и да се достигне опфат од 60 до 70 отсто за колективен имунитет.

Според најавите, овој месец се очекуваат околу 300 000 дози: 200 000 на „Синофарм“ од Кина, околу 11 000 од директниот договор со „Фајзер“, 25 илјади вакцини преку трипартитните договори со земјите членки на ЕУ, нова количина од руските „Спутник“ и останатите дози на „Астра Зенека“ преку Ковакс-системот.

Вакцинирањето нема да прекине, рече Филипче, има дози за следните три недели со „Астра Зенека“. Распоредите се прават за недела-две и за пунктовите низ земјата, и за спортската сала. Оцени дека системот е добро поставен и функционира, се става акцент на постарите, а при приоритизацијата на групите за вакцинација е земено предвид епидемиолошката состојба во земјава и широката распространетост на вирусот.

– Сега се вакцинираат 3000-4000 дневно. Нашиот план е помеѓу 7000 и 10 000 на ден – седум илјади е оптимална бројка, а 10 000 во максимална оптовареност на системот. Тоа е добра динамика за нашата земја. Апелирам да се пријават сите на сајтот вакцинајија.мк или преку матичните, така системот ќе ги генерира приоритетите по возраст и, евентуално, коморбидитети. Битно е да покажат интерес за вакцинација и само така ќе постигнеме колективен имунитет за што пократко време. Како ќе се зголемува достапноста на вакцините, ќе се зголемува и бројот и ќе расте и заинтересираноста, рече Филипче.

Нагласи дека сите се развиени на безбедни платформи, нема контраиндикација од ниту една вакцина во однос на болести или состојби, освен она што бордот на Европската агенција за лекови (ЕМА) го утврди за „Астра Зенека“ – дека има поврзаност со тромботични ефекти кај помлади лица, веројатно поради хормонална активност, а за која ставот на нашата земја е да не им се дава на лица под 60 години. Многу е поголем бенефитот од вакцинацијата, рече министерот, споредено со ризикот да се заболи од тешка форма на КОВИД-19.

Филипче посочи дека треба да се вакцинира секој, без разлика дали има или нема антитела и дали коронавирусот го поминал со или без симптоми.

– Три до четири месеци по прележана болест треба да се вакцинира. Има различни препораки дали треба само со една или со две дози, тоа варира од вакцина до вакцина. Здравствените работници тоа го следат и согласно со тоа, тие ќе вакцинираат. Тоа е единствен начин да се смени сликата на епидемијата. Аплелирам на масовна вакцинација, апелирам и до опозицијата да престане со антикампањите зашто сериозно може да го наруши процесот на имунизација, нагласи Филипче.

На прашањето дали чувствува одговорност за доцнењето на вакцините, тој во ТВ-интервјуто одговори дека од ноември интензивно се работело на нивна набавка, било пристапено кон сите можни извори за да се обезбедат – од Ковакс-механизмот, за кој рече „многу повеќе верувавме да биде брз и ефикасен“, до директни разговори од производителите. Причината за доцнењето, рече, е во недоволното производство, големиот пласман на вакцини во САД, со што се изјаловиле првичните планови и за земјите од ЕУ кои и за себе не добиле вакцини колку што очекувале.

– Голем проблем е сè уште достапноста поради недоволното производство, каде било во светот, освен Србија која е исклучок. Ние направивме буквално сè, сите механизми и сите обиди. Работевме интензивно, секојдневна комуникација сите овие месеци, додаде ресорниот министер.