Хармонизирањето на националното со европското законодавство во областа на платните системи беше најважната цел од Стратегијата за развој на платните системи, од што произлезе носењето на Законот за платежни услуги и платни системи. Законот почна да се применува од почетокот на оваа година, додека Народната банка донесе 26 подзаконски акти за негова примена. Регулативата ќе придонесе за поттикнување на конкуренцијата и иновациите и зголемување на заштитата на потрошувачите. „Севкупно, создадовме правна рамка за новата генерација технологии којашто ќе ги поддржи иновациите и ќе ги направи плаќањата поедноставни, посигурни и поевтини“, истакнува директорот на Дирекцијата за платни системи при Народната банка, Игор Величковски, во интервју за меѓународната е-публикација „Вести на централните банки во платежната сфера“.
Величковски вели дека новата законска регулатива би ги трансформирала платните системи, пред сѐ преку поттикнување на конкуренцијата и внесување нови даватели на платежни услуги. Имено, ако порано само банките можеа да даваат платежни услуги и само одредени институции можеа да даваат услуги за прекуграничен трансфер на пари, тоа сега се менува. Директорот на Дирекцијата за платни системи нагласува дека низ годините, а особено по пандемијата, има висок раст на употребата на платежните картички во трговијата, како и на употребата на мобилните апликации за пренос на парични средства. Овие трендови во иднина ќе се поддржат и ќе се поттикнат со воведувањето на отвореното банкарство кај нас, коешто ќе донесе повеќе придобивки за корисниците на платежните услуги.
Преку транспонирањето на европските директиви од областа на платежните услуги, во националната законодавна рамка се зголемува и заштитата на потрошувачите. Величковски посочува дека се обезбедува поголема и подобра информираност на потрошувачите за платежните услуги, како и дека секој давател на платежни услуги треба да потпише стандардизиран рамковен договор со корисниците и на редовна основа да ги известува за надоместоците. Платежната сметка со основни функции е повисоко ниво на заштита на правата на потрошувачите, кај која се пропишува разумна висина на надоместокот којшто може да се наплаќа за работењето со оваа сметка. Дополнителна новина од аспект на информирањето на јавноста е можноста на едно место, на веб-страницата на Народната банка, да ги споредат надоместоците за единаесет најрепрезентативни платежни услуги од сите даватели, со што ќе се осигури и поголема конкуренција помеѓу давателите на платежни услуги.
Во интервјуто, директорот на Дирекцијата за платни системи зборува и за трендовите во областа на платежната сфера од аспект на активностите коишто ги преземаат регулаторите во земјата за развој на финтек-секторот и поголема финансиска вклученост на населението, меѓународната соработка, технологијата на дистрибуирани записи (блокчејн) и воведувањето дигитална валута издадена од централна банка. Целото интервју е достапно на следнава врска: https://cbpaymentsnews.com/assets/CBPN_Volume6/CBPN-2023_August_Vol6No8.pdf.