Утрово на Радио Лидер гостуваше потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Димитриеска Кочоска која објасни кој е проблемот со замрзнувањето на цената на лебот. Според неа станува збор за погрешна мерка на Владата, а проблемот настанал дека Владата, како што вели таа, не им даде дополнително некоја субвенција или брашно од стоковите резерви, итн на производителите.
Таа вели дека производителите имаат големи трошоци и потсети дека преупредила уште минатата година некаде во февруари дека ќе дојде оваа новонастаната ситуација.
„Слушнав дека денес ќе имаат состанок сите тие производители за леб, да почекаме и да видиме каква одлука ќе донесат. Но, за жал доаѓаме во ситуација која што ние уште минатата година некаде во февруари ја зборувавме дека ќе дојде и ќе се случи. Ако се сеќавате уште во тој период зборувавме за обезбедување на доволно стокови резерви, бидејќи можеме да дојдеме до ситуација да нема брашно. Во суштина едно добро менаџирање со држава подразбира вие да можете на еден среден рок да ги предвидите сите проблеми кои што можат да се случат. Оваа Влада нема капацитет и во континуитет прави погрешни одлуки, носи погрешни мерки, лаже. Морам да кажам дека и лаже по пред некој ден колумната на министерот за финансии Фатмир Бесими во која што вели дека имале мерки во последниве години од две милијарди евра останав запрепастена“, истакна Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ во гостувањето во утринска емисија на радио „Лидер“.
Димитриеска Кочоска укажа дека поради лажењето и неспособноста на Владата, Македонија е доведена во ситуација да има погрешна одлука за замрзнување на цени.
„Но, каде е проблемот? Ако минатата година зборувавме дека суровините растат и дека цената на електричната енергија како еден од поголемите инпути во производството на леб има големо влијание, Владата некако си играше со тие нивни одлуки, и наместо тоа замрзнуваше цени, не им даде дополнително некоја субвенција или брашно од стоковите резерви, итн. За да на крајот од годината да донесе некоја одлука за субвенционирање на електричната енергија откако речиси после цела година исцрпување на компаниите доаѓаме до таква ситуација. Ама го заборави другиот момент,а тоа е дека во текот на цела година ние имавме зголемување на сите цени на производите, не само на лебот, а дека во овие компании работат луѓе кои што земаат плата и кај кои што треба исто така платите да се искорегираат врз основа на фактот дека имавме ненормално висока инфлација. И кога зборувам за инфлацијата не сакам воопшто да ја гледам онаа инфлација која што ја даваат бидејќи таа е на сите производи како просечна, јас ќе се фокусирам на оној дел кај храната бидејќи ние сите знаеме дека храна и комуналии толку од платите можеме да сервисираме, толку имаме“, заклучи Димитриеска Кочоска.
Таа посочи дека инфлацијата кај храната стигна и до 30%. Кај одредени производи без кои граѓаните не можат, како млеко, како зејтин, брашно, инфлацијата или порастот на цените беше многу повисока и од овие 30%.
„И сега вие доаѓате во ситуација да им замрзнувате цени и кажувате дека они се профитери, а во исто време тие имаат во континуитет зголемување на трошоците“, нагласи таа.