Пожарот што денеска избувна во фабриката „Ф-Групација“ во скопско Трубарево, каде што се преработува електронски отпад, е намерно предизвикан и претставува дел од хибриден напад врз државата, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов. Тој нагласи дека серијата големи пожари во последниве денови — Вардариште, Дрисла, депонијата во Шуто Оризари и сега оваа фабрика — не може да биде случајна.
Ангелов информираше дека огнот зафатил два погони на фирмата и дека во просториите имало голема количина пластика, што предизвикало густ и црн чад. „Верувам дека чадот е токсичен,“ рече тој, додавајќи дека засега нема информации за повредени лица.
„Нашата првенствена цел е да не дозволиме понатамошно ширење на пожарот. Затоа сите ресурси што ги имавме на располагање во Скопје итно ги насочивме кон оваа локација. Овде се најголемиот дел од возилата на скопската Противпожарна бригада, три БТР-возила и еден ‘Хермелин’. Постојано дејствуваат еден полициски хеликоптер, еден армиски хеликоптер и еден ‘Ер-Трактор’ на ДЗС“, изјави директорот.
Тој повтори дека, според неговата проценка, се работи за намерно подметнат пожар: „Повеќе од сигурно е дека овој објект не може сам да се запали. Според мене, ова е хибриден напад врз државата. Да потсетам: најпрво беше Вардариште, потоа Дрисла, вчера Шуто Оризари, денес оваа фабрика. За мотивите може само да погодуваме, но станува збор за сериозен напад.“
Министерството за внатрешни работи и другите безбедносни служби веќе работат на откривање на сторителите и на спречување на нови намерно предизвикани пожари.
Ангелов апелираше граѓаните да пријават секое сомнително однесување: „Доколку видите лица што носат туби или шишиња со жолта течност, која може да биде бензин, или ако забележите сомнителни движења околу вакви објекти, веднаш јавете се во најблиската полициска станица или на бројот 112.“
Претходно, директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Мухамед Али, изјави дека пожарот бил пријавен во 13:38 часот преку бројот 112. Според него, прво горел објект опишан како штала за складирање на отпадни електрични материјали. За кратко време пламенот предизвикал густ црн чад и се проширил на неколку соседни објекти.