Компромис со идентитетот за сметка на евроинтеграцијата

Европскиот парламент денеска со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“ го усвои извештајот за напредокот на Македонија, подготвен од австрискиот европратеник Томас Вајц, кој се однесува на периодот 2023–2024 година. Иако документот содржи препораки за владеење на правото, борба против корупцијата и реформи во јавната администрација, голема контроверза предизвика фактот што во финалната верзија се отстранети сите формулации што директно се однесуваат на „македонскиот јазик и идентитет“.

Извештајот, кој требаше да ја потврди стабилната европска перспектива на земјава, се претвори во симбол на компромисна дипломатија и политички пазар, при што бугарското и грчкото лобирање имале клучна улога во измената на текстот. Според набљудувачи, се работи за уште еден случај на европско попуштање пред националистичките барања на земјите-членки.

Јовева: „Македонскиот народ не ви ја должи својата егзистенција“

Единствен момент што разбуди емоции и достојна почит беше обраќањето на словенечката европратеничка Ирена Јовева, која на македонски јазик им се обрати на колегите:

  • „За да постои, на македонскиот народ не му треба ваша дозвола, но на вас, за да го признаете тоа, ви треба чесност, интегритет, храброст. Знам. Благодарам“, изјави Јовева од говорницата во Стразбур.

Нејзиното говорење на македонски беше дочекано со позитивни реакции кај македонската јавност, која ја гледа Јовева како редок глас на искреност и достоинство во рамките на ЕП.

Словенечка пратеничка до бугарските колеги на македонски јазик: За да постои, на македонскиот народ не му треба ваша дозвола!

Симболичен чекор напред, чекор назад за идентитетот

Иако извештајот формално претставува охрабрување за продолжување на европскиот пат на Македонија, отстранувањето на клучните идентитетски термини е доживеано како пораз, не само за државата, туку и за основните демократски вредности на ЕУ.

  • „Овој чин ја открива болната реалност на европскиот политички пазар – кога идентитетот станува валута за тргување“, коментираат аналитичари, нарекувајќи го денешното гласање „срам и резил за лулката на демократијата“, како што често самата Унија сака да се претставува.

Оттука, иако документот нуди поддршка за структурни реформи, неговото „чистење“ од чувствителни термини отвора прашања за идниот тон на европскиот дискурс кон македонското прашање, како и за подготвеноста на ЕУ да се спротивстави на растечкиот национал-шовинизам во своите редови.