Катастрофалниот земјотрес во Мјанмар, со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала, резултираше со над 1.000 загинати и илјадници повредени. Според податоците на воената власт, бројот на жртви достигна 1.002, а над 2.300 лица се повредени.
Најголем дел од загинатите се евидентирани во градот Мандалеј, додека земјотресот предизвика последици и во соседниот Тајланд. Во Тајланд животот го загубија најмалку девет луѓе. Во Бангкок, се урна 33-катна зграда во изградба, под чиј урнатини и натаму се трага по преживеани.
Во тајландската престолнина, спасувачки тимови интензивно работат на извлекување на преживеани од урнатата структура. Според официјалните податоци, 49 лица се водат како исчезнати, а најмалку 30 се потврдени како заробени, од кои 15 сè уште покажуваат знаци на живот.
„Нема да се откажеме од овие луѓе, ќе ги искористиме сите можни средства“, изјави гувернерот на Бангкок, Чадчарт Ситипунт, истакнувајќи дека состојбата во градот се подобрува.
Катастрофалниот земјотрес во Мјанмар не поштеди ниту една клучна инфраструктура – уништени се мостови, згради и патишта. Воената хунта, која владее по државниот удар од 2021 година, повика на меѓународна помош – ретка појава во контекстот на затвореноста на режимот.
Според проценките на Американскиот геолошки институт, бројот на жртви може да ја надмине бројката од 10.000 лица. Економската штета се очекува да биде поголема од годишниот БДП на земјата.
Првите спасувачки тимови веќе пристигнаа во погодените области. Кина, Русија, Индија, Сингапур и Малезија испратија хуманитарна помош и технички персонал. САД и Јужна Кореја најавија дополнителна поддршка.
Иако земјотресот зафати и области што не се под контрола на хунтата, спасувачките активности продолжуваат, и покрај логистичките пречки и политичките компликации.