„Не знам, не знам, ништо не знам“

Првиот човек на бугарската комисија од историчарите Ангел Димитров избегна да одговори кои се неговите очекувања од средбата со неговите македонски колеги. Тој денеска пристигна во Скопје каде треба да има средба со македонските колеги чија заедничка цел е да ги решат грливите прашања меѓу двете држави.

На новинарско прашања околу очекувањата од средбата Димитров беше краток: „Не знам, не знам, ништо не знам“. Тој дополни дека дополнителни информации за медиумите ќе даде откако ќе заврши средбата со образложение дека не ги знаел новите колеги. Тој рече дека го знае претседателот, но тоа според него не е доволно.

Кој ја сочинува новата историска комисија?

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски во координација со премиерот Христијан Мицкоски назначи нова историска комисија која ќе ги брани македонските национални интереси.

На почетокот на септември Владата за прв човек на оваа комисија го постави Ванчо Ѓорѓиев кој во октомври 2021 година си даде оставка, наводно поради политички притисоци и напуштање на црвените линии за преговори што ги утврди Собранието на Македонија. Имено, иако со одлуката на владата шест члена на комисијата не добија нв мандат и во новиот состав остана само еден, двајца новоименувани претходно веќе беа дел од неа. Патем мандатот на членовите на комисијата истекува за три дена, така што освен да се искористи за политичка пропаганда, од ваквата забрзана смена немаше никаква потреба. Практично без нова мандат останаа претседателот Драги Ѓоргиев и членовите Петар Тодоров, Љупчо Ристески, Огнен Вангелов, Исамедин Азизи и Љубица Спасковска.

Во новиот состав на комисијата е Александар Литовски кој е историчар. И тој беше член на историската комисија во периодот 2018 до 2020 година. Вработен е во Институтот за национална историја и ја истражува новата историја.

Други членови на комисијата се: Митко Панов, историчар од Институтот за национална историја; Никола Минов, професор по историја на Филизофскиот факултет; Сашо Додевски, насловен доцент од Институтот за историја на Филозофскиот факултет; Бесник Емини, историчар од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје; и Димитар Љоровски, историчар, вработен во Институтот за национална историја.

Прва средба по шест месеци

Ваквата средба е по цели шест месеци, а последната средба на историчарите беше во мај во Софија. Тогаш предводник на македонската делегација беше историчарот Драги Ѓоргиев.

Експертската комисија беше формирана во 2017 година по потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија. Досега се усвоени препораки за заедничко чествување на Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски и Цар Самуил и пет препораки за измени во учебници во Македонија и во Бугарија. Темата за Гоце Делчев бее „жежок костен“ во рацете на историчарите и таму немаше доближување на ставовите, освен политичката одлука на претходната влада за заедничко чествување со Бугарија.