Системите се поврзани – родителите нема да имаат дополнителни трошоци
Од следната учебна година, сите ученици од основното и средното образование ќе добиваат електронски свидетелства, наместо печатени. Оваа дигитална промена, како што соопшти министерката за образование Весна Јаневска, всушност веќе можела да се спроведе годинава, но Министерството одлучило таа целосно да се имплементира од следната година.
Министерката објасни дека родителите нема да имаат ниту финансиски, ниту административен товар, бидејќи системите на училиштата се веќе дигитално поврзани. Тоа значи дека при упис во средно училиште или на факултет, институциите самостојно ќе ги повлекуваат свидетелствата од системот, без потреба некој физички да ги доставува.
„Освен да се пофалат“ – учениците веќе немаат потреба да носат хартиени документи
„И денес, е-дневникот дозволува електронски да се издадат свидетелства. На учениците од прво до деветто не им требаат сите. Потребно е само свидетелството од деветто за запишување во средно училиште. Но, средните бараат и претходните. Може и годинава тоа да се прави дигитално, но ќе почнеме официјално од наредната година“, изјави Јаневска.
Нејзината изјава погледнете ја во продолжение:
„Кога ученикот ќе се пријави електронски во средно, училиштето само ќе ги повлече сите негови свидетелства, ќе провери успех или што им е потребно според нивните критериуми. Фактички, нема потреба родителите и децата да држат сведителство в раце. Освен, можеби, за пофалба“, додаде министерката.
И факултетите веќе можат електронски да ги повлечат сите сведителства од средното образование, при упис на нови студенти. За оние што ќе студираат надвор од земјава, се останува со физичка потреба од свидетелство од деветто, диплома од четврта година и потврда за запишување.
„Се надевам дека ќе имаме сѐ помал број млади кои ќе заминуваат на странски факултети. Но и тие ќе можат да добијат документи – деветто, четврта година, и запишување на факултет. И средните и факултетите можат да ги повлечат дигитално“, рече Јаневска.
Хартиен доказ ќе може да се издаде по потреба
И покрај дигиталната реформа, министерството предвидува и решение за население со дигитална неписменост, особено во руралните средини. Училиштата ќе можат, по потреба, да издадат хартиен доказ за завршена година.
„Ако е потребно, училиштето може да потроши 500 денари за еден топ хартија, за да даде документ на ученикот дека успешно ја завршил годината. Нашето население сѐ уште не е целосно дигитално писмено, особено по селата. Ако не им дадеш хартија, луѓето не знаат дали детето завршило или не“, посочи таа.
Целта, според Јаневска, е во текот на следната учебна година, 80 до 90 проценти од свидетелствата да бидат издавани исклучиво во електронска форма.