Обвинителката најави дека ќе се жали затоа што судот не ѝ го прифати предлогот за определување мерка притвор за четворица обвинети, а исто така ќе поднесе жалба и затоа што Рашковски не беше прогласен виновен за третото кривично дело кое му го стави на товар – фалсификување исправа.

Обвинителката Ивана Трајчева, која го водеше случајот „Софтвери“ за кој денеска беше изречена осудителна пресуда, во изјава за медиумите рече дека не може да каже оти е задоволна, но оти се докажало она на што се темелено обвинението.

„Не можам да кажам задоволна, но сметам дека за она за што беше поставено обвинението и за што се истражуваше и докажуваше во текот на постапката, се докажа и сметам дека се донесе правилна одлука“, рече Трајчева.

Првообвинет во случајот е поранешниот генерален секретар Драги Рашковски, кој со денешната пресуда неправосилно е осуден на осум години затвор. Затворската казна тој ја доби за кривичните дела злоупотреба за службената положба и овластување и перење пари. За делото фалсификување исправа, пак, не беше прогласен за виновен.

Станува збор за дело кое обвинителството му го стави на товар на Рашковски на крајот од судскиот процес, а со оглед дека за него беше ослободен од страна на судот, Трајчева најави жалба до Апелација.

„Обвинението беше проширено за фалсификувана исправа во смисла дека е поднесен документ со невистините податоци. Обвинителството не рече дека самите податоци беа издадени лажно од страна на банката туку начинот на кој обвинетиот ги презентираше пред судот беше лажен дотолку повеќе што и самата банка наведе дека е баран селектиран извод од банкарска картичка кој на крајот дава многу различна состојба од онаа реалната. Од тие причини беше проширено обвинението за кривичното дело фалсификување исправа односно дека се употребени невистинити податоци и во тој дел ќе има жалба по однос на пресудата“, рече Трајчева.

Со оглед на затворските казни, обвинителката сметаше дека има опасност од бегство, па по изрекувањето на пресудата побара мерка ефективен притвор за Рашковски и за уште тројца обвинети: универзитетскиот професор од ФИНКИ Ивица Димитровски, сопственикот на „Инвока груп“, Даниел Станчев и Игор Христов од фирмата „ГБТ Системи“. Меѓутоа, судот за Рашковски определи поблага мерка – куќен притвор, додека за останатите тројца го одби барањето на Трајчева и одлучи да важат поблаги мерки на претпазливост.

Обвинителката и за ова најавува жалба до Апелација.

„Од она што го слушнав би можела да најавам дека ќе има жалба од страна на обвинителството со оглед дека беше предложена мерка притвор за четворица обвинети, не само за еден од причина што обвинителството смета дека за сите четворица постојат реални причини дека може да се дадат во бегство. Од тие причини ќе има жалба, но секако оставам прво да го примиме писмениот примерок па да донесам конечна одлука“, рече Трајчева.

Рашковски како првообвинет доби највисока затворска казна со првостепената пресуда.

Другите шестмина обвинети неправосилно се осудени на затворски казни од три до пет и пол години: Ивица Димитровски – пет години затвор; Игор Христов – пет години и шест месеци; Даниел Станчев – четири години затвор; Ирена Ивановска – три години и шест месеци; Игор Ивановски – три години; Маја Силјановска – три години.