За ова место велат дека е новото Кратово, град контролиран од еден човек. Човекот за кој се вели дека е најмоќен во Крива Паланка е вицепремиерот во Владата на Зоран Заев, Љупчо Николовски.

Иако Љупчо Николовски воопшто не беше главниот јунак на нашата приказна, сепак тој жестоко реагираше на нашата посета на Крива Паланка.

Прво, на порталот iportal.mk кој е во сопственост на негов близок соработник, осамна статија за нашата посета на Крива Паланка, во која се изнесоа низа навреди за репортерскиот тим на Радио Лидер. Се потврди и нашиот сомнеж дека сме биле следени во Крива Паланка, со фотографијата која излезе од нас на овој портал, а била скришно направена.

Вечерта, Љупчо Николовски нарекувајќи не рекетари и криминалци на фејсбук се пожали дека сме ги снимале неговите родители и неговата куќа, иако, ние воопшто не отидовме таму за неговата куќа, ниту пак сме му ја снимале. Како успеа самиот Николовски да се поврзе со темата за шверцот со тутунот, за која ние истражуваме ќе треба да одговори самиот. Ние отидовме поради семејството Тројановски и нивниот случај со шверц на тутун.

Радио Лидер стапи во контакт со Димче Тројановски, кој се споменува како човек кој е дел од ова. Тој одговори на нашиот телефонски повик и ни рече дека во тек на денот ќе биде достапен за изјава. Го чекавме цели 9 часа, но не се појави.

Оваа куќа во центарот на Крива Паланка е седиштето на компанијата Студенац. Се работи за трговски, шпедитерски и угостителски бизнис на браќата Стојан и Димче Тројановски. Но, освен тоа, оваа куќа е и седиштето на шверцот со тутун во овој град.

Во 2018 година на граничниот премин Деве Баир се царинети 5 камиони со тутун без да се провери дали има тутун во лист, режан тутун или цигари во камионите. Постојат два канали на царинење, зелен и црвен, при што во зелениот канал камионот се пушта без да прегледа, но, известени сме од Царинската управа дека за акцизна стока или за нејзин репоматеријал мора камионот претходно да биде прегледан од страна на царинската служба. Сепак овие 5 камиони, по нечија наредба биле пуштени без никаков преглед.

Компанијата која  ги увезува  е „Студенац Груп“, која е на листа на бришење од 29.01.2021, за неподнесена годишна сметка. Сопственици се Синиша Тројановски, Димче Тројановски и Силва Славева Ангелова од Бугарија.

Кога го увезуваат тутунот, според законите во нашата земја треба да е продаден само во оние компании кои имаат лиценца за откуп на тутун. Сепак, овој тутун не е продаден на ниедна од овие компании, туку му се губи траг. На сметката на компанијата нема пристигнати пари за продажба на тутун, што значи дека тој е продаден на црн пазар со пари земени на рака. Каде е продаден? Останува непознато. Од 2018 до сега се молчи и никој не презема ништо.

Доколку овој тутун, ако е тутун, а не цигари, би бил продаден во лиценцираните компании тоа би значело дека фирмата е ослободена од плаќање на акциза, но, затоа што се работи за тутун на кој му се губи трагот, тоа значи и самата Царинска управа пресметала дека фирмата е должна да плати акциза, што го потврдуваат оттаму, од каде велат дека фирмата затаила акциза во вредност од 1 милион и 600.000 евра.

Останува отворено прашањето зошто дури после 3 години Царинската управа го покренува ова прашање кога знае дека фирмата е ликвидирана и нема од каде да се наплати акцизата. Во исто време отворено е прашањето зошто се поднесува кривична пријава против фирмата, но не и против нејзините сопственици, односно главните извршители на овој криминал.

Во исто време, информациите до кои стигна редакцијата на Радио Лидер говорат дека бугарката сопственичка и управителка не ни знае дека има фирма во Македонија. Практично браќата Тројановски ја искорстиле за да направат шверц, ќе увезат тутун или цигари и никогаш нема да платат акциза.

Во Крива Паланка бевме цели 9 часа, но иако на почетокот на овој прилог Димче Тројановски ни вети дека ќе не побара, тој ниту не побара ниту одговори на нашите телефонски повици,  иако сакавме да ја пренесеме и неговата страна.

Инаку, тој важи за истакнат член на владејачката СДСМ и близок соработник на градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски. Низ градот се зборува дека е многу близок и со вицепремиерот за корупција Љупчо Николовски, кој ете се најде повреден и нападнат со самото тоа што нашата екипа отиде во Крива Паланка да прави истражување за шверцуваниот тутун.

Новинар: Љупчо Златев

Камера и монтажа: Јане Јанков