Струмичката полиција поднесе кривична пријава против 57-годишниот З.Ч. од село Ново Село, општина Ново Село, поради основано сомнение дека сторил кривично дело „Насилство врз дете“, по член 201-а од Кривичниот законик.
Според официјалното соопштение на МВР, инцидентот се случил на 8 јули 2025 година, во дворот на куќата каде што пријавениот живеел со својата 11-годишна ќерка. Тој, по разводот со сопругата, бил старател на девојчето.
– На 8.7.2025 во дворното место од куќата на пријавениот во село Ново Село, тој насилно се однесувал кон неговата 11- годишна ќерка, која живеела со пријавениот. Тој, по разводот со неговата сопруга, односно со мајката на детето, е нејзин старател. Насилството го снимил со мобилен телефон – информираше полицијата.
Токму видеото, кое беше објавено на социјалните мрежи, предизвика силни реакции во јавноста. На видеозаписот, кој вчера се прошири преку интернет, се гледа вознемирувачка сцена: девојче со врзани раце и врат, врзано за метална цевка, кое плаче. Според првичните информации, таткото се разгневил бидејќи девојчето земало пари за да си купи храна, а дел од тие пари ѝ ги дало на мајката.
По објавувањето на видеото, полициски службеници од СВР Струмица веднаш презеле мерки, го идентификувале сторителот и го повикале на разговор.
– Откриен е сторителот и тој е повикан во СВР Струмица, каде во службен разговор го признал делото – наведува полицијата.
Настанот бил пријавен и кај јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица, а лекар од Медицинскиот центар во Струмица извршил преглед над детето.
– При прегледот се констатирани телесни повреди во вид на црвенило на двете раце, кај зглобовите – информираа од МВР.
Во случајот е вклучен и Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Струмица, кој презема мерки за понатамошна заштита на детето.
Истрагата е во тек, а јавноста очекува одговорност за сторителот и институционална поддршка за жртвата.